Премиерот Груевски најави набавка на уште два акцелератори
На почетокот на следната година ќе почне постапка за набавка на уште два акцелератори, кои ќе бидат сместени во болниците во Штип и во Битола. Нивната набавка и изградбата на специјалните бункери во кои ќе бидат поставени треба да заврши до крајот на 2013 година, со што ќе се надминат проблемите со чекање за прегледи и закажувања.
Тоа го најави денеска премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на патот Зелениково-Ново.
Со постојните два акцелератори и со набавката на уште два, според Груевски, ќе бидат задоволени потребите за вакви апарати, со оглед дека истражувањата покажуваат оти е неопходен по еден акцелератор за 500.000 жители.
- Идејата е двата акцелератори да покриваат поголеми подрачја во кои ќе бидат сместени, Штип, како центар на Источна Македонија, каде што ќе гравитираат повеќе жители од тој дел, и Битола како центар во југозападниот дел каде што ќе гравитираат не само жители од Битола туку и од блиските места до овој град. Ова многу ќе им помогне на болните од карцином, кои имаат неопходност од користење ваков апарат. Во истржувањата дознавме дека пракса е да има по еден акцелератор на 500.000 жители, така што со овие четири практично ќе бидат задоволени потребите на Република Македонија, рече Груевски.
Тој појасни дека процедурата за набавка е малку подолга од причина што не е во прашање само тендерот за набавка. Откако ќе се изврши набавката, ќе се види кој е набавувачот и со какви димензии ќе се набави таков апарат, потребен е градежен зафат, односно градење специјално место, т.н градежен бункер каде што ќе биде сместен акцелераторот затоа што има зрачење, со соодветни стандарди кои се применети секаде во светот.
- И градежниот зафат ќе одземе некое време, прво во проектирање, а потоа и во градба, и очекувам некаде во 20013 година целокупната постапка за набавка на акцеларторот, а потоа на проектирање и изградба на градежниот дел, да заврши во 2013 година и целосно да се реалаксираат состојбите во однос на закажувања и чекања, листи на чекање, нервози, фрустарции, кои на овие болни навистина не им е потребно, наведе Груевски.
Решаваме, истакна, еден многу голем проблем кој ќе биде од корист на многу наши граѓани за нивното здравје.