Мисајловски: Изградба на 24 регионални патишта и 7 автопати во 2016
Следната година активно ќе се работи на 24 регионални патишта и седум автопати со вкупна должина од околу 600 километри, најави денеска министерот за трансппрт и врски Владо Мисајловски.
На презентација на отчет за сработеното со над 200 реализирани или почнати проекти, потпроекти и услуги Мисајловски оцени дека 2015 била најуспешната година на Министерството за транспорт и врски која ќе се памети по најголемите инвестиции во овој ресор. - Ја посветивме 2015-та на реализација на големи проекти во патната и железничката инфраструктра, достигнавме рекордна бројка на превезени патници низ двата аеродорми, овозможивме нови авионски линии до европските метрополи, нови рокови за легализација на дивозиградените објекти..., рече Мисајловски.
Во делот на патната инфраструктура активно се работело на околу 400 километри патна мрежа. - Како никогаш досега истовремено работевме на изградба на три нови автопати а воедно реконструираме и уште две автопатски делници во должина од 165 километри, инвестиција од околу 800 милиони евра. Со засилено темпо работевме на изградбата на автопатот од Демир Капија до Смоквица, кој очекуваме да го завршиме до крајот на следната година, рече Мисајловски.
Од изградбата на новиот автопат од Кичево до Охрид до крајот на годинава се завршени 14 проценти од градежните работи, а на автопатот од Скопје до Штип 34 проценти. Се работи, како што рече, и на проектната документација за изградба на автопатските делници од Требениште до Струга, од Гостивар до Кичево и до Скопје до Блаце.
Годинава е почната изградба и реконструкција на 13 регионални и магистрални патишта со вкупна должина од 167 километри, инвестиција од околу 50 милиони евра. - Следната година ќе продолжиме со уште позасилено темпо бидејќи ќе започнеме изградба на пет експресни патишта и рехабилитација на уште шест регионални патишта, што значи дека следната година активно ќе се работи на вкупно 24 регионални патишта и седум автопати со вкупна должина од околу 600 километри. Ова почитувани, во истријата на Република Македонија се нема случено истовремено да се работи на толку километри патна мрежа, рече Мисајловски.
Според него, 2015 година е значајна и по пристигнувањето на првиот од шестте нови патнички возови, како и набавката на нови 150 товарни вагони. Се осврна и на изградбата на пругата кон Бугарија, посочувајќи дека активно се работи на делницата од Куманово до Бељаковце и се проектира втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка. Работиме на изготвување и на проект за новата пруга од Кичево до Албанија. Изминатата година започнавме со изградба и на пругата од Битола до Грција, а воедно продолживме и со рехабилитација на пругата на Коридор 10, информира Мисајловски и додаде дека е завршена обновата на Железничката станица во Скопје, а се работи на реконструкција на уште пет железнички станици на Коридор 10.
Во авионскиот сообраќај ги посочи воведените пет нови дестинации од скопскиот аеродром и две од охридскиот. - Ја постигнавме посакуваната рекордна бројка од 1,5 милиони патници што поминаа низ двата аеродроми. Очекуваме следната година таа бројка да биде уште поголема бидејќи од напролет најавени се линии кон нови четири европски дестинации, рече Мисајловски.
Завршена е, информира, изградбата на три згради за социјално ранливи категории граѓани во Прилеп, Ресен и Демир Хисар со 119 станови, почнати се 21 проект за водоводни и канализациски системи, продолжени се роковите за легализација на дивоизградените објекти, овозможена е и легализација на приватно земјиште. Го потенцира и проектот за типски куќи со кои државата субвенционира готови проекти за изградба на шест типа куќи, кои, како што рече, може да се употребат и во владниот проект Купи куќа за млади.
- Во делот на градежништвото поднесени се 259 барања за отуѓување на државно земјиште. Донесовме нов закон за градежно земјиште со важност од 1. 8. 2016 година. Работиме на урбанизација на туристички развојни зони, воведовме систем е-урбанизам преку кој сите урбанистички планови ќе се изготвуваат по електорнски пат, рече Мисајловски.
Министерот за транспорт соопшти и дека е објавен повик за изработка на идејно решение за изградба на марина во Охрид и реконструкција на градското пристаниште и најави дека ќе бидат санирани уште неколку пристаништа на Охридското езеро.
- Продолжи изградбата на секундарната гасоводна мрежа на делницата од Клечовце до Штип. Континуирано работевме и на измени и усогласување на законската регулатива, рече министерот Мисајловсјки на отчетот на кој присуствуваа и директорите на институциите што се под надлежност на Министерството за транспорт.