Промовирана „Енциклопедијата ВМРО 1893-1934 година“
Во Музејот на македонската борба во Скопје денеска беше промовирана енциклопедијата „ВМРО 1893-1934 година“ чии автори се професорите Никола Жежов, Мирјана Минчовска и Теон Џинго. Публикацијата има огромен број одредници, според азбучен редослед кои во себе ги содржат најважните биографски податоци за војводите и комитите на ВМРО, за настаните и другите случувања поврзани со револуционерната дејност на ВМРО во нејзиното 41 годишно постоење.
На промоцијата присуствуваа премиерот Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, а ја промовираше професорката Виолета Ачковска.
Главниот редактор на екнциклопедијата проф. Жежов истакна дека во концепциската поставеност на енциклопедијата се тргнало од фактот дека предмет на научен интерес не треба да бидат само личностите од организацијата туку и најважните случувања - конгресите, аферите, псевдонимите, печатените органи и најважните атентати, организирани од нивна страна.
- Македонската историографија досега не го обработувала овој тематски дел од македонската историја во ваков формат и дека историјатот на ВМРО, како македонска организација заслужува енциклопедиски пристап кој е порифатлив не само за стручната фела туку и за пошироката читателска публика во Република Македонија, истакна проф. Жежов. Зборувајќи за мотивите за пишување на овој труд, проф. Жежов рече дека главна причина се почестите негирања на делови од македонската историја од некои балкански историографии и обидите тие да се прикажат како делови од нивните истории. - Не смееме да дозволиме со нашата незаинтересираност кон одредени теми, организации, настани или личности од нашата историја, други истории да посегнуваат по нив и ние едноставно да се откажуваме од тоа што е македонска историја која припаѓа на македонскиот народ и сите националности во Македонија, рече Жежов.
Четирите букви В.М.Р.О. се имаат трајно врежано и во свеста и во колективното паметење на нашиот народ, како историски континуитет на борбата за создавање на самостојна македонска држава, истакна претседателот на Владата Груевски, кој посочи дека енциклопедијата „ВМРО 1893-1934 година“ претставува сублимат на нашата современа научна мисла за комплексниот лик, заложби, настани, учесници и претходници во македонската револуционерна борба.
Ова дело, рече тој, е прво од ваков облик и на оваа тема во нашата држава се наметна како научна неопходност во македонската историографија.
- Во оваа енциклопедија на едно место се собрани голем број познати и досега непознати податоци, голем број информации, многу архивска граѓа, многу монографии, голем труд на македонските историчари збогатени со многу фотографии и одлична графика која, како што рече Груевски, систематизира информации за секој оној кој го сака научниот пристап и сака да има збирка од објективни и проверени информации за тематиката и конечно за секој оној кој си ја сака Македонија и кој го почитува делото на македонската револуција.
Енциклопедијата „ВМРО 1893-1934 година“, истакна министерката Канческа - Милевска, претставува импозантна слика на македонската борба за зачувување на македонското име, идентитет, национално ослободување и создавање на независна држава. Со неа се заокружува едицијата на монографии и книги кои се издадени во изминатиот период, а кои обработуваат значајни личности и дејци од македонското револуционерно движење.
- Авторите свесно и аргументирано сакаат да предочат дека постои дистинкција на македонското револуционерно движење од политичките тенденции на балканските држави и дека организацијата ВМРО има автохтон, македонски карактер. Композицијата на текстот на одредниците во енциклопедијата не сугерира или не поттикнува полемика за личностите или настаните кои се опишуваат затоа што авторите посочуваат проверени историски податоци, изјави министерката за култура Канческа-Милевска.
Според неа, точноста на податоците во одредниците се огледува и во обемниот цитиран опус од местата на кои се вршени истражувањата, од архивата на ВМРО, нејзините раководни личности, а на читателот му се посочуваат и необјавени архивски фондови. Секоја генерација има своја борба, рече министерката за култура, а нашата најголема придобивка е што ние ја имаме можноста да го јакнеме македонскиот идентитет и да го негуваме македонските традиции во независна Македонија.
Промоторот проф. Ачковска рече дека енциклопедијата содржи 3.000 одредници по азбучен ред, настани, личности, поими збиени во редови како војска на браникот на Македонија и страниците на ова дело. - Се презентираат добро проверени факти за најголемиот број учесници во македонската револуционерна организација, настани кој со својата драматичност секој за себе се потресно филмско сценарио, објаснети псевдоними, поими, печат..., рече проф. Ачковска.
Енциклопедијата „ВМРО 1893-1934“ е во издание на „Матица“.