Пуштени во употреба нов плоштад и катна гаража во центарот на Скопје
Нов плоштад „Мајка Тереза“ и нова катна гаража „Кресненско востание“ беа пуштени во употреба денеска во центарот на Скопје. Со плоштадот партерно се уредува просторот околу новите градби на левиот кеј на Вардар од потегот кај МНР до Камениот мост, а со катната гаража, која е со површина од околу 20 илјади метри квадратни, се обезбедуваат нови 440 паркинг места во строгиот центар на градот.
- Со изградбата на овој плоштад, инвестиција од околу 4,5 милиони евра, целокупниот простор во кој изминатите години се градеа нови објекти, денес се заокружува и добива своја нормална и естетска целина. Целокупниот простор кој беше едно градилиште сега е претворен во едно големо шеталиште, истакна премиерот Никола Груевски на пуштањето во употреба на плоштадот и гаражата.
Катнатата гаража која се наоѓа во близина на МНР и МОБ, под плоштадот „Мајка Тереза“, инвестиција вредна околу девет милиони евра, треба да го реши проблемот со паркирање во центарот на градот.
- Ова е локација каде во околина има повеќе институции поради кои потребата за паркинг простор е постојано присутна. Тука се МНР, Министерството за транспорт и врски. Филхармонијата, Македонската опера и балет, новиот Археолошки музеј, Јавното обвинителство и повеќе државни или приватни објекти. Ваквата концентрација на значајни институции, како и положбата во строгиот центар на Скопје доволно јасно говори за значењето и потребата од изградбата на ова подземно паркиралиште, рече Груевски.
Тој најави дека во интерес на промоција на новата катна гаража, во следните неколку месеци паркингот ќе биде бесплатен за сите граѓани.
Според Груевски, изградбата и на плоштадот и на катната гаража е дел од плановите главниот град да се осовремени и да се доизгради.
- Изминатите 100 години се години во кои многу светски европски и балкански метрополи се обликуваа и градеа на големо. Денес тоа се градови препознатливи по своите оележја, градби, споменици и секако по големиот број туристи. За жал, додека другите народи градеа главниот град на Република Макеоднија беше заборавен во минатото и оставен на забот на времето. Единствено нешто по што беше познат Скопје беше Камениот мост, Старата чаршија и Скопското кале кои потекнуваат од време турско или далеку пред тоа, истакна премиерот.
Се останато, додаде, училишта, бараки, улици, болници, објекти претежно биле изградени пред земјотресот во 1963, најчесто како донација и помошта од другите држави, а, како што потенцира, после тоа добри 50 години ништо сериозно се немало променето во Скопје.
- Скопје го разбудивме од длабокиот сон и дојдоа времиња во кои главниот град се издигна во едно ново и модерно руво. Во периодот кога се промовираа проектите, објектите и замислите на народот не му се веруваше дека тоа ќе биде остварено. Многумина коментираа дека ќе останат дупки на местата на кои почнало нешто да се гради и дека од таа работа нема да има ништо. Впрочем таа скептичност беше поврзана со минатото во кое навистина ништо не се градеше, истакна македонскиот премиер.
Рече дека со текот на времето Скопје добило нови булевари, жичара до крстот, нов стадион, нов спортски копмлекс „Борис Трајковски“ и „Јане Сандански“, нов главен плоштад „Македонија„, повеќе споредни плоштади, фонтани, споменици, склуптури, нови фасади, музеи, нови мостови, поголем број катни гаражи, нов театар, нови згради за државни институции, се модернизирала скопската зоолошка градина, железничката станица...
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски рече дека овој нов плоштад со неговата местоположба ќе биде еден од музичките центри на градот Скопје.
- Овде градот Скопје ќе планира многу настани. По амбиентот и местоположбата ќе одговараат за таквата намена. Тука ќе има настани од Скопско лето, од Бела ноќ, настапи на музички групи... Значи, градот со овој плоштад добива една можност за содржини коишто ќе го збогатат културното милје, истакна Трајановски и потсети дека ова е еден од шесте плоштади што се прават во малиот ринг на градот Скопје.
Со новата катна гаража, пак, напомена, ќе се помогне во решавањето со проблемот со паркирањето во центарот на градот. - Возилата кои сега се наоѓаат на тротоарите ќе бидат минато. Со пуштањето во употреба на оваа катна гаража, се добива една поголема функционалност во паркирањето, додаде Трајановски.