Новогодишни пакетчиња за децата од СОС Детско село
Децата сместени во СОС Детското село во Скопје денеска добија новогодишни пакетчиња од премиерот Никола Груевски. Тој заедно со заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов ја проследи и новогодишната претстава што децата ја подготвија за нив.
Премиерот им ја честиташе Новата 2016 година на дечињата и на вработените во СОС Детското село.
- Ми беше задоволство да помагаме, ќе помагаме и понатаму, рече Груевски. Покрај новогодишните пакетчиња, СОС Детското село доби и апарати за домаќинство.
Националниот директор на СОС Детското село Јулијана Накова Гапо се заблагодари за поддршката што децата ја добиваат од Владата во изминатите години, посочувајќи дека државата одвојува средства за сите 90 деца кои престојуваат таму.
- Голема благодарност за тоа. Во нашата работа може да се направи многу, но сам никогаш не можеш да направиш толку колку што е потребно. Ова партнерство и оваа поддршка освен што значеше многу за овие деца и нашата организација, значеше многу и за нашите партнери, посебно за странските донатори којшто од кога видоа дека СОС Детско село е еден сериозен партнер во државата и ја препознава нашата работа, ни беше дадена доверба да реализираме неколку сериозни социјални проекти, рече Накова Гапо. СОС Детското село врши обуки за згрижувачки семејства.
Исто така СОС Детското село реализира активности за поддршка на кризата со бегалците и тоа, како што кажа Накова Гапо, поставен е објект од 150 квадрати во Табановце.
- На дневно ниво на 50 до 200 деца им го олеснуваме процесот на престој или на транзиција во нашата земја, рече Накова Гапо.
Еден од штитениците на СОС Детското село сега е на студии на престижниот колеџ Мекалистер во Минесота во САД, што според неа, го потврдува квалитетот на нивната работа.