МОН најави хигиенски стандарди и реновирање на училишните тоалети
Министерството за образование и наука најави проект за воведување највисоки стандарди за чистота во тоалетите во основните и средните училишта. Ќе опфати нивно целосно реновирање и адаптирање, замена на санитарните јазли и опременост со хигиенски средства.
- Крајна цел на проектот е во секој тоалет во иднина да се воведат највисоки стандарди за хигиена, што ќе подразбира да има течен сапун, апарат и тоалетна хартија, канти за отпадоци, сензори, евиденција, број фреквенција на деца кои го употребуваат тоалетот итн....и дополнителна опрема за лицата што се грижат за хигиената во училиштата, рече министерот Панче Кралев.
МОН наредниот месец ќе спроведе детално истражување и анкета за состојбата и потребите на секое училиште, па ќе подготви стандарди и нов систем за хигиена во училиштата. За таа цел ќе соработува со инспекторатите за здравство и за санитарна инспекција. Училиштата што ќе ги воведат највисоките норми ќе бидат наградени од МОН.
На почетокот проектот ќе се финансира со дел од 40-те милиони евра заем од Советот на Европа наменети за реконструкција на училиштата, кои треба да се искористат до крајот на следната година. Потоа во финансирањето на проектот ќе се вклучат и општините и установи - пријатели на оваа иницијатива.
Приоритет на МОН идната година ќе бидат и училишните мензи и воведување препораки и правила за квалитетна и разновидна исхрана на учениците, оброци со застапеност на потребните витамини, калории..., а т.н. родителска полиција ќе го контролира квалитетот на храната што ја произведуваат и доставуваат компаниите.
Во подалечна иднина, рече Кралев, ќе има и стандардизација на осветлувањето, акустиката и енергетската ефикасност во училниците.