Владата и наложи на СОЗР да ја поништи набавката на стилски мебел
Завршија градежните работи на објектот на Јавната здравствена установа Универзитетски институт ПЕТ-Центар, кој се наоѓа во близина на ГОБ „8 Септември“. Инвестицијата чини 16 милиони евра.
Станува збор за најсложен здравствен објект изграден во историјата на Република Македонија, но и пошироко во регионот, во кој е инсталирана најсовремена опрема, вклучувајќи и циклотрон за производство на изотопи, кое не се врши во регионот и пошироко.
Позитронско емисиона томографија (ПЕТ) претставува последен дострел на медицинската наука во обидот да се добие што попрецизно прикажување на функционалните промени на ткивата на човекот, како основа за навремено откривање на многу болести, давање прецизна дијагноза, ефикасна терапија и следење на болните.
На настанот по повод завршувањето на градежните работи на објектот на ЈЗУ УИ ПЕТ-Центар присуствуваа претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите Емил Димитриев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров.
- Имавме прекрасна можност да го посетиме ПЕТ-Центарот и да видиме до која фаза е стигната реализацијата на овој проект. Како претседател на Владата задолжена за спроведување на изборите и во моето експозе при избирањето на Владата во Собранието кажав дека ќе се трудам и ќе помагам сите тековни проекти на сите ресори кои ги предводам да се одвиваат согласно зацртаната динамика. Ова е еден пример од тоа. Денеска се изврши презентација на тоа до каде е реализацијата на еден од најкрупните проекти во областа на здравството, па и во науката, изјави Димитриев.
Тој посочи дека биле информирани дека веќе е произведен првиот изотоп, дека се планираат понатаму добивање на сите потребни документи од домашни и меѓународни институции и дека во скора иднина ќе има можност Центарот да биде ставен на услуга на граѓаните.
Министерот Tодоров рече дека сите процеси во Центарот се одобрени од Меѓународната агенција за атомска енергија и целото производство треба да биде валидирано и сертифицирано од неа.
Посочи дека процесот на валидација веќе почна со првото производство на изотоп кое се случи на 11 декември 2015 година и ќе трае најмалку девет месеци по што ќе следи финална проверка од Агенцијата закажана за последниот квартал од годинава, која ќе опфаќа и работа со пациенти.
- Тоа значи дека претходно треба да се почне и со пациенти, нешто што би се случило за најмалку девет месеци. Секоја фаза од овој процес треба да биде валидирана, одобрена, сертифицирана и од домашни институции и од Меѓународната агенција за атомска енергија. Очекувам дека со комплетната валидација на производството и по истекот на овие девет месеци и отпочнувањето со давањето услуги за пациенти односно најсовремена дијагностика, Македонија ќе се вброи во земјите со најразвиен здравствен систем, додаде Тодоров.
В.д.директорот на ПЕТ-Центарот, Емилија Јаневиќ Ивановска рече дека ПЕТ-Центарот е здравствена институција која првпат во регионот, а можеби и во пошироки рамки во себе интегрира систем на фармацевтско производство.
- Тоа значи дека тука имаме една фабрика на радиофармацевтски препарати и клиника односно се она што на пациентите ќе им биде достапно од делот на високо специфични молекули, фармацевтски препарати кои дури треба да бидат етаблирани и како клинички студии. Така за клинички студии не ќе треба да се оди во САД, Франција или Италија. Тоа е нешто што е потврдено и при континуираните посети од експерите од Меѓународната агенција за атомска енергија, но и од колегите кои од другите држави дошле за да видат на кој начин и како се развива овој центар, додаде Јаневиќ Ивановска.