Заврши градбата на ПЕТ-Центарот, првите пациенти за девет месеци
Завршија градежните работи на објектот на Јавната здравствена установа Универзитетски институт ПЕТ-Центар, кој се наоѓа во близина на ГОБ „8 Септември“. Инвестицијата чини 16 милиони евра.
Сите процеси во Центарот се одобрени од Меѓународната агенција за атомска енергија и целото производство треба да биде валидирано и сертифицирано од неа. Овој процес на валидација веќе почна со првото производство на изотоп кое се случи на 11 декември 2015 година и ќе трае најмалку девет месеци по што ќе следи финална проверка од Агенцијата закажана за последниот квартал од годинава, која ќе опфаќа и работа со пациенти. Тоа значи дека претходно треба да се почне и со пациенти, нешто што би се случило за најмалку девет месеци.
Станува збор за најсложен здравствен објект изграден во историјата на Република Македонија, но и пошироко во регионот во кој е инсталирана најсовремена опрема, вклучувајќи и циклотрон за производство на изотопи, кое не се врши во регионот и пошироко.
Позитронско емисиона томографија (ПЕТ) претставува последен дострел на медицинската наука во обидот да се добие што попрецизно прикажување на функционалните промени на ткивата на човекот, како основа за навремено откривање на многу болести, давање прецизна дијагноза, ефикасна терапија и следење на болните.
На настанот по повод завршувањето на градежните работи на објектот на ЈЗУ УИ ПЕТ-Центар присуствуваа претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите Емил Димитриев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров.