Работилница за поголема компатибилност на образовниот систем со пазарот на труд
Постигнување поголема компатибилност на образовниот систем со реалните состојби и потреби на пазарот на труд преку поврзување на потребите на пазарот на трудот и образовните програми со нова алатка „Опсерваторија на вештини“, најави денеска заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Спиро Ристовски на денешната работилница во рамки на проектот, изјави дека „Опсерваторијата на вештини“ е дел од проектот Развој на вештини и поддршка на иновации, поддржан од Светска банка и дека Министерството за образование и наука ќе продолжи да ги реализира целиот сет на мерки кои се однесуваат на директна реформа на средното стручно образование со цел полесен пристап до пазарот на труд за сите ученици.
- Алатката „Опсерваторија на вештини“ треба да биде еден од најкруцијалните процеси кои што ќе овозможат директно поврзување на потребите на пазарот на трудот со образовните програми, посебно во средните стручни училишта во насока на нивна компатибилност и конкурентност во делот за полесно обезбедување на работни места, пред се кај младите, средношколците и новите генерации што завршуваат извесен степен на образование, рече Ристовски.
За таа цел, продолжи Ристовски, преку компјутерски софтвер за вкрстување и обработка на податоци од акредитираните високообразовни установи, средните училишта, од Агенцијата за вработување, Центарот за образование на возрасни и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на лица кои завршиле средно или високо образование, Опсерваторијата ќе креира информации за вработливоста по генерации, за вработливоста по одредени структури, за очекуваното време до работното ангажирање, за заработката по образовен профил, воопшто за можностите за вработување и слично.
- Дополнително Опсерваторијата на вештини периодично ќе прави и „трејсер студии“ кои подразбираат директно обезбедување на потребните информации од лицата за кои ќе се однесува конкретната анализа, преку пополнување на посебни прашалници формулирани исклучиво за оваа намена, нагласи Ристовски.
Опсерваторијата на вештини согласно акцискиот план на Министерството треба да започне со работа оваа година. Таа ќе биде базирана на позитивното искуство од неколку европски земји како што се Чешка, Унгарија, Италија, Холандија и Полска.