Со напредните ИТ обуки се обезбедуваат нови вработувања

Владата организира обуки за напредни информатичко – комуникациски вештини за невработените лица, кои се многу значајни во зголемувањата на знаењата и вештините на лицата, и кои сериозно ја зголемуваат конкурентноста на лицата кои ќе ги поминат обуките на пазарот на трудот.

 

Искуствата покажуваат дека по поминувањето на овие обуки, лицата многу лесно наоѓаат работа, и се вработуваат во компаниите кои имаат потреба од ваков кадар. Голем дел пак од лицата кои ги завршуваат обуките продолжуваат да работат како самостоен бизнис, и тоа соработувајќи он лине со странски компании за чиишто потреби изработуваат разни компјутерски програми или пак учествуваат како дел од некој проект на компаниите од странство.

Актуелни се два  јавни повици до невработените лица со кои се обезбедува стекнување на знаења и вештини од областа на компјутерските техники и тоа за:

-ЈАВА програмери, за 110 лица

-програмери за веб апликации, за 110 лица

-Autodesk AutoCAD, за кои што се предвидени за обука 50 лица.

Двата огласи се во тек и постои простор за пополнување на предвдената бројка на лица кои ќе бидат обучени и затоа Владата апелира до невработените лица да ги проучат овие можности, и да аплицираат на повиците.

-Овие обуки кои што ги спроведуваме со ЕУ се од големо значење за конкурентноста на невработените лица на пазарот на трудот и сериозно ги зголемуваат шансите за нивно вработување. По завршување на обуките следува полагање и добивање на меѓународно признат сертификат, кој што е многу значаен и почитуван од бизнис секторот како услов за вработување. Позитивните искуства од минатото кои што говорат дека над 60% од лицата кои што ги поминале овие обуки веднаш по обуките се вработиле, а дополнително сериозно голема бројка започнала сопствен бизнис во кој што соработуват со странски субјекти се најдобра гаранција за успешноста на политиките и мотив повеќе за сите невработени лица да ги проучат можностите, да аплицираат на овие јавни повици кои што е во тек и за кои што се уште постои простор и време, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Обуките за јава програмери и за програмери за веб апликации се спроведуваат во соработка со ЕУ, и на нив може да аплицираат долгорочно  невработени лица кои се најмалку 1 година на евиденција на АВРМ.

На обуките за CAD пак може да се пријават невработени лица кои се евидентирани во Агенцијата за вработување најмалку еден ден.

И во двата случаи невработените лица кои ќе аплицираат треба да поседуваат познавање на определени основни компјутерски вештини, и да имаат завршено срдно или високо образование. Завршеното образование во склоп на обуката ќе се смета како предност. Предност ќе имаат лицата кои досега не учествувале на ваков вид обуки. Аплицирањето е едноставно со изразување на интерес и поднесување на пополнета апликација до центрите на Агенцијата за вработување, а исто така невработените лица ќе бидат пред–селектирани од регистарот на активни баратели на работа на АВРМ согласно со нивниот Индивидуален план за вработување.

По аплицирањето ќе следува претселекција на кандидатите, кои ќе треба со тест да го докажат познавањето на основните компјутерски вештини. Лицата кои ќе ја поминат фазата на претселекција ќе бидат подложени на обука.

Обуката ќе ја вршат специјализирани и сертифицирани информатички куќи, и во случај на јава и програмирањето на веб апликации таа ќе биде во период од 6 месеци во кои лицата ќе одат на предавања, додека пак обуките за CAD ќе траат од 3 до 6 месеци.

По завршувањето на обуките во рок од три месеци обучуваните лица ќе треба да полагаат завршен испит по чие што полагање ќе се стекнат со уверение и меѓународно признат сертификат за познавање на напредни ИТ вештини.

Токму овој сертификат кој е многу почитуван од страна на бизнис заедницата, обезбедува зголемена конкурентност на пазарот на трудот и можност за брзо вработување на лицата со значителни финансиски примања.

Искуствата од минатото покажуваат дека голем дел од лицата кои ја завршуваат оваа обука веднаш се вработуваат претежно во странските инвеститори. Неодамна една странска компанија која инвестира во Македонија токму од редот на овие лица кои биле подложени на обука ги регрутирала кадрите за почнување на нашиот бизнис во земјата.