Нов повик за обука кај работодавач за околу 300 невработени лица
Нов повик за мерката за стекнување вештини кај познат работодавач е објавен денеска и со него ќе бидат опфатени околу 300 невработени лица.
Дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика Диме Спасов денеска при посетата на компанијата „Фрико“ кај Криволак изјави дека за оваа намена ќе бидат одвоени средства во износ од 6 милиони и 700 илјади денари.
Тој оцени дека станува збор за една од најуспешните мерки што се реализира од 2007 година и која досега има резултирано со над 7.214 работни места.
- Станува збор за мерка преку којашто се создаваат можности невработените лица да поминат тримесечна обука во реални работни услови за вештините кои се побарувани на пазарот на труд. За период колку што трае обуката да се стекнат со знаење и компетенции коишто ќе ги направат многу поконкурентни за работните места што им ги нудат и самите работодавачи кај коишто се обучуваат, рече Спасов.
Очекувањата се најмалку 50 проценти од учесниците во ова мерка, после завршување на обуката да се стекнат со вработување.
Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски истакна дека огласот ќе биде отворен се до пополнување на местата и ги повика компаниите кои имаат потреба од работниците, да се пријават.
- Многу е важно сите оние што сакаат да бидат учесници во оваа мерка да бидат мотивирани и подготвени за предизвиците што ги очекуваат и на крајот да ги совладаат техниките за работа за тоа работно место. Се надевам дека со овој оглас ќе ги пополниме местата коишто ги имаме, над 300. Огласот е отворен до пополнување на овие места со тоа што сите оние компании коишто имаат потреба од работници имаат можност преку којашто можат да обезбедат работници кои им се потребни за работа, рече Поповски.
Одговарајќи на новинарско прашање за огласот за вработување на лица со инвалидитет, Поповски рече дека тој е сеуште отворен и оти има уште околу дваесетина места. - Се надевам дека ќе ги пополниме во краток период, рече Поповски.
Фирмата „Фрико“ која денеска ја посетија дополнителниот заменик-министер Спасов и директорот на Агенцијата за вработување е една од компаниите која користи дел од владините мерки што ги спроведуваат двете институции.
Според заменик-министерот Спасов, ваквите средби со раководствата на компаниите се најдобра можност да се разменат мислења за искористеноста на мерките и за нивно подобрување. - Тоа е и нашата заложба, односно двојна корист од мерките за вработување. Корист за невработените лица побрзо и полесно да стигнат до своето работно место, меѓутоа и бенефит за работодавачите, појасни Спасов.