„Ван Хол“ ќе инвестира уште 15 милиони евра и ќе отвори нови 400 работни места
Белгиската компанија за производство на автобуси „Ван Хол“ ќе инвестира уште 15 милиони евра во постојниот свој производствен капацитет во ТИРЗ Скопје 1 во наредните четири години и најави отворање на дополнителни 400 работни места. Изградбата на објектот ќе почне следниот месец.
Договорот за реализација на втората инвестициска фаза го потпишаа денеска дирeкторот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо и Филип Ван Хол, сопственик на белгиската компанија, во присуство на премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
Во првата фаза во текот на годинава според најавите ќе се изгради нов магацин и ќе се прошири производниот оддел за фарбање. Во втората фаза, во 2017/2018 година постоечките четири производни линии ќе бидат удвоени. Како резултат на тоа, производствениот капацитет се најавува да биде зголемен на 900 возила годишно наместо сегашните 500. За таа цел во наредниот период, како што најави сопственикот Ван Хол, ќе бидат ангажирани уште 400 работници, а до 2019 година вкупниот број на вработени во „Ван Хол“ во Македонија да достигне 1.250. Со проширувањето, како што информира Ван Хол, капацитетите на фабриката ќе достигнат 72 илјади метри квадратни.
- Планираме продолжување со инвестициските активности и сакаме да почнеме да произведуваме автобуси покрај за САД и ЕУ, и за Израел за што се во тек разговори за постигнување договор, рече Ван Хол.
Вкупната инвестиција на Ван Хол од почетокот со работа во Македонија пред две години и првично најавените 13 милиони евра кои подоцна во првиот производствен капацитет изнесуваат 20 милиони евра, во наредните четири години, како што истакна Пешевски, ќе достигнат над 40 милиони евра. Продолжувањето со нови инвестиции на белгиската компанија, според Пешевски, е потврда за добрите политики на Владата и поволната бизнис клима.
Пешевски ја потенцира и соработката на Ван Хол со домашните компании посочувајќи го примерот со штипска „Актива“ која што како нивен добавувач отвори нова фабрика и ангажираше 300 вработени.
Според вицепремиерот Пешевски, и покрај политичката криза работата на економскиот тим на Владата резултира со нови инвестиции.
- Во изминатите шесеетина дена беа објавени десетина нови инвестиции во износ од околу 120 милиони евра и 3.500 вработувања. Можеме да бидеме задоволни што и во овој период покрај сите предизвици со коишто се соочуваме се постигнуваат одлични резултати, рече Пешевски.
Како што посочи директорот на ТИРЗ, со најавеното зголемување на капацитетите, Ван Хол ќе има најголем индустриски капацитет во државава со над 72 илјади метри квадратни.
- Особено е важно што покрај автобуси за американскиот пазар ќе почнат да се произведуваат и за европскиот пазар и ќе бидат изградени четири дополнителни линии, инвестиција што ќе се реализира во следните четири години. Минатата година од оваа фабрика беа извезени 420 автобуси со вредност од 95 милиони евра, што значи дека во наредните две три години извозот ќе биде повеќе од удвоен односно ќе изнесува повеќе од 300 милиони евра, нагласи Мизо.
Покрај најавените 400 нови вработувања, посочи Мизо, ќе има и нови 150 директни вработувања, а важни се и трансферот на технологии и знаења.
Белгиската компанија „Ван Хол“ е основана во 1947 година, а седиштето е лоцирано во Конинтсојкт. Најголемиот дел од производството го пласира на пазарите во Европа и во САД.