Пуштена во употреба нова амбуланта во Миладиновци
Нова амбуланта во населеното место Миладиновци е пуштена денеска во употреба во присуство на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров.
Амублантата ќе опслужува 4.500 пациенти од повеќе места во општина Илинден (Миладиновци, Бујковци, Мршевци, Бучинци, Текија и Дељадровци).
Тодоров во разговор со Груевски информира дека амбулантата е заедничка инвестиција на општина Илинден, Министерството за здравство и Здравствен дом-Скопје и оти инвестицијата е вредна 15 милиони денари. Камен темелникот, посочи Тодоров, го поставивме на 16 јули и за половина година го изградивме новиот објект.
Станува збор за објект на површина од 300 метри квадратни кој опфаќа две ординации за општа медицина, стоматолошка ординација, просторија за вакцинација, просторија за интервенција, лабораторија, аптека, чекална, како и оптимален број на тоалети за пациентите.
- Старата амбуланта е изградена во 1967 година и од тогаш не е реконструирана. Се наоѓа во многу лоша состојба, сместена е во веќе распаднати лимени бараки и не ги задоволува потребите на граѓаните. Во амбулантата работат двајца матични лекари стоматолози и патронажна сестра. Со цел довршување на партерното уредување старата амбуланта ќе биде отстранета, информира Тодоров.
Груевски се сретна со жителите на село Миладиновци, кои изразија благодарност за изградбата на амбулантата која е нивно барање. Истовремено претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски разговараше и за процентот на невработеност кој во општината Илинден е ист како во Франција, Финска и Италија.