Повторена поддршката од САД за прием на Македонија во НАТО
Министерот за одбрана Зоран Јолевски во рамки на посетата на САД, имаше средби со претставници на законодавниот дом на САД. На средбите, информираат од Министерството за одбрана, американските сенатори и конгресмени дадоа целосна поддршка за членството на Македонија во НАТО, а изразија и благодарност за долгогодишната поддршка на АРМ во воспоставувањето мир, безбедност и демократија во глобални рамки.
На средбата со сенаторот Џон МекКејн, поранешен претседателски кандидат, министерот Јолевски порача дека е дојдено времето Република Македонија да го заземе своето заслужено место како полноправен член на НАТО. Министерот додаде дека и покрај фактот што Македонија е подготвена да биде дел од Алијансата уште од 2008 година, Министерството и Армијата продолжуваат со реформите во безбедносниот сектор.
- Со нашата заложба за постојано унапредување, ние остануваме подготвени, рамо до рамо со останатите земји-членки да ги споделуваме обврските, одговорностите, но и придобивките од членство во Алијансата, рече министерот Јолевски.
Сенаторот МекКејн целосно се согласи со фактот дека Македонија ги има завршено потребните реформи за членство. Тој истакна дека соработката меѓу Македонија и САД како стратегиски партнери е од полза за двете земји и изрази благодарност што се развива континуирано.
Министерот Јолевски имаше и одвоени средби со конгресменката Валорски, како и со главните советници на претседателскиот кандидат, сенаторот Марко Рубио, при што истакна дека Македонија е посветена на развојот на билатералната соработка со САД, која беше зацврстена со потпишувањето на Декларацијата за стратегиско партнерство, во 2008 година. Тој ги презентираше аргументите за прием на Македонија во НАТО, а воедно се осврна и на неодамнешниот развој на соработката, особено во делот на военото образование, преку размената на питомци меѓу македонската Воена академија и академијата „Норвич“.
Длегацијата од макеоднското Министерство за одбрана имаше работен ручек со истакнати претставници на најреноминарите тинк-тенкови во Вашингтон, на кој присуствуваа и лица од Пентагон и Стејт департментот. Претставниците на тинк-тенк заедниците ја истакнаа поддршката за што поскоро интегрирање на Република Македонија во НАТО.
Во текот на денешниот ден, министерот Јолевски ќе присутвува на традиционалниот молитвен појадок кој се одржува во Вашингтон. На маргините на молитвениот појадок, Јолевски имаше средби со министри од Италија и Хаити, парламентаци од Германија, Франција, Норвешка, Велика Британија, како и од земјите регионот, се наведува во соопштението од МО.