Во ТИРЗ поставен камен-темелник на фабриката Хај Тек, прва домашна инвестиција

Во Бунарџик денеска е поставен камен-темелник на првата домашна инвестиција - фабриката на македонската компанија Хај Тек Асембли Центар.

Инвестицијата, вредна вкупно 20 милиони евра, ќе отвори преку 300 работни места, а ќе се реализира во две фази. Првата е проектирана на 6 милиони, додека втората на 14 милиони евра.

Во првата фаза ќе биде изградена фабрика со површина од 5.400 метри квадратни која ќе стартува со работа наесен и ќе вработи 100 лица.

- Новата компанија ќе биде врв на техничко-технолошките достигнувања во Македонија и ќе обезбеди работа за преку 300 луѓе. Со производството на најсофистицирани електронски компоненти, ќе учествуваме во светот на нано технологиите. На тој начин значајно ќе придонесеме во зголемувањето на македонскиот извоз, истакна сопственикот на Хај Тек Асембли Центар Саво Станковиќ. 

Како што нагласи Станковиќ, по 36 години постоење на компанијата, ова е уште еден предизвик, историски момент не само за неговото семејство, туку и за другите претприемачи, како и за целата земја.

- Денеска е посебен, историски ден за Македонија. Ова е првата домашна инвестиција во слободните економски зони и најдобар пример за тоа дека домашните бизнисмени кои имаат добри идеи и проекти, висока технологија и производство наменето за извоз, се добредојдени во ТИРЗ, нагласи вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Тој потенцира дека како резултат на визијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и напорите што ги вложи тој, но и целиот владин економски тим, во Македонија има голем број странски и домашни компании кои извезуваат и отвораат работни места, а како резултат на тоа невработеноста е на рекордно ниско ниво.

Според Ставрески, Хај Тек е пример за компанија која вработува високо квалитетен стручен кадар, реномирани инженери, признаени не само дома, туку и во странство. Тоа е уште еден доказ, рече, дека највредното што го поседува Македонија се умот, знаењето, способноста на луѓето и работната етика, дека земјава има квалификувана работна сила, образовани луѓе, конкурентни на пазарот, кои можат успешно да работат или, како што напомена Станковиќ, дека за секој што сака да работи, Македонија е добро место.

- Во слободните зони и натаму сакаме компании со напредни технологии на производство, кои ќе извезуваат и ќе освојуваат странски пазари. Тие ќе значат работа и за голем број други фирми во земјава, подвлече Ставрески.

Во обраќањето, тој потенцира дека токму како резултат на работењето на компаниите во слободните зони, Македонија денес извезува многу посложени и пософистицирани производи, но значително е зголемен и пласманот по обем. Особено битно е, рече, и тоа што се менува структурата на извозот во производи со поголема додадена вредност. Веќе не извезуваме само суровни и репроматеријали, земјоделски, основни метални производи, текстил и тутун, туку софистицирани производи со висока технологија.

- Македонскиот извоз лани го надмина нивото од четири милијаради евра, достигнавме рекордно ниво од преку четири милијарди евра. Зголемен е извозот на машини и транспортни уреди што е резултат на работењето на фабриките во зоните и тој достигна 1,1 милијарда американскикот долари. Пред само пет години извозот на машини и транспортни уреди беше само 150 милиони долари. Зголемен е седумкратно како резултат на владините политики за привлекување нови инвестиции, посочи Ставрески.

Дополнителен пример за тоа, додаде, е извозот на хемиски производи кој достигна милијарда долари минатата година наспроти 381 милион долари пред пет години.

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо информира дека во следните пет години инвестицијата на Хај тек Асембли Центар во Бунарџик ќе се прошири за нови 11.000 метри квадратни. Производството ќе биде целосно наменето за извоз и главно ќе се пласира во Германија, Швајцарија, Велика Британија и скандинавските земји.

Хај Тек лани реализираше извоз од десетина милиони евра. Нејзините производи наоѓаат широка примена во автомобилската, авионската и воената индустрија, како и во производството на медицинска опрема. Клиенти на оваа македонска компанија се големи светски брендови како Континентал, Сименс, Бош, Филипс,... Моментно во компанијата работат 180 лица, а со отворањето на новиот пгоон бројката ќе достигне вкупно 480.

На настанот присуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.