Владата и рударите оптимисти за рестартирање на рудниците Тораница и Злетово
Владата на последната седница донесе одлука за финансирање на одржувањето на рудниците Тораница и Злетово со 60 илјади евра во денарска противвредност, сметано од декември 2015 година до јули 2016 година. Ова денеска го истакна премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев, по средбата во Владата со претставниците на рудниците „Тораница“ од Крива Паланка и „Злетово“ од Пробиштип и со градоначалниците од двете општини.
- Владата донесе одлука со која го презема одржувањето бидејќи во ситауција кога немаме концесионер, имаме правен основ, уште повеќе и обврска да се грижиме за одржување на рудниците до нивната продажба и добивање нов сопственик, рече Димитриев.
Тој информира дека со вработените дискутирале за актуелните состојби што преземава Владата за нов рестарт на овие крупни капцитети во Република Македонија.
- Ги информиравме дека е објавен повик за доделување концесија за минералните сурови, кој треба да заврши на 14 март. На 16 март следи јавна аукција за избор на компанија која ќе ги добие на концесија минералните суровини, рече Димитриев.
На средбата се дискутирало и за одржувањето на рудниците. - Тоа е еден период кој во суштина треба да се поклопи со периодот на изнаоѓање нов инвеститор и рестарт. Од нивна страна беше искажано задоволство дека со ова праќаме сигнал како Влада оти стоиме зад сите барања на овие две компании, дека Владата од близу го следи развојот на настаните и помага за рестарт на овие две компании, рече Димитриев.
Во меѓувреме, како што нагласи, Владата и Министерството за економија ги контактираат заинтересираните компании.
- Ние сме отимисти дека во овој период ќе имаме подигање на тендерска документација и аплицирање за јавната аукција на средина на март, рече Димитриев.
Тој додаде дека стечајната постапка се одвива, тоа е во рамки на судот. - Сите потези од правно-формален аспект се согласно определена динамика. Очекуваме стечајната постапка и постапка за доделување на концесијата за минерални суровини да се поклопи и во исто време да можеме да го решиме и имотот и концесијата со минералните суровини, рече Димитриев.
На новинарско прашање, премиерот за спроведување на изборите рече дека досега имаат добиено три писма со намери и додаде оти контактирале и со други компании кои не доставиле такви писма. Очекувам до крајот на тендерот да имаме повеќе копмании кои ќе бидат заинтересирани за инвестирање во овие два рудника.
Претседателите на синдикалните организации на рудниците Злетово и Тораница Тодос Гацовски и Бранко Димитровски изразија балгодарност до Владата, премиерот и ресорните министри што, како што рекоа, многу сериозно му пристапија на проблемот со двата рудника.
- Од она што беше разговарано и најавено, добиваме надеж дека навистина квалитетно ќе се разреши проблемот и ќе се негираат шпекулациите оти разрешувањето ќе трае со години. Наредните два-три месеци очекуваме разрешница, рече Димитровски. Додаде дека повеќе од 850 вработени од септември наваму не добиваат плата и се без здравствно и социјално осигурување.
Според Гацовски, ликвидацијата не е поволна за работниците зошто имаат побарувања, од плати и за неплатени бенефиции. Тој апелираше рудниците што поскапо да се продадат за да се подмират бенефициите и побарувањата на доверителите.
Заменик-министерот за економија Христијан Делев информира дека вкупните побарувања се осум и пол милиони евра, за двата рудници. Проценката на двата рудници е напарвена и е 7,5 милион евра.