Нова лабораторија за рано откривање одредени аномалии кај плодот
На Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје отворена е нова Лабораторија за биохемиска пренатална дијагностика што ќе помогне за рано откривање одредени аномалии кај плодот, како и за правање на сите потребни анализи во текот на целата бременост.
Инвестирани се околу девет милиони денари, односно околу 150 илјади евра. Тоа е четврта таква инвестиција од вкупно 52 милиони денари во лаборатории набавени преку Министерството за здравство за оваа клиника.
Лабораторијата денеска ја посетија лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски заедно со замениците министри за образование и наука Спиро Ристовски и за здравство Јовица Андовски.
Груевски оцени дека лабораторијата е исклучително важна за Гинеколошката клиника затоа што има можности со кои овозможува откривање на Даунов сидром кај плодот во многу рана фаза во прв, втор или трет месец на бременост.
- Задоволство е што за првпат во Македонија се набави една ваква лабораторија која што очигледно недостастуваше, која веќе е во полна функција и во иднина ќе реши многу проблеми. Таа претставува една новина, но и една дополнителна вредност на оваа клиника и воопшто на македонското здравство, рече Груевски.