„Стандард и Пурс“ повторно го потврди стабилниот кредитен рејтинг на Македонија
Рејтинг агенцијата “Стандард и Пурс“ повторно го потврди кредитниот рејтинг на Република Македонија ББ - со стабилен изглед.
Како што истакнува кредитната рејтинг агенција и покрај политичката криза во Македонија, економскиот раст во 2015 година бил силен и дури и повисок од очекуваното. Високиот економски раст од 3,7 отсто од бруто домашниот производ, забележуваат, се должи ,пред се, на растот на извозот од слободните економски зони и јавните инвестиции.
„Стандард и пурс“ предвидува дека во иднина ќе зајакнуваат и ќе се градат нови врски на соработка помеѓу странските инвестиции во ТИРЗ и домашните компании, што ќе биде основа за одржлив раст на економијата. Како што наведува агенцијата, економската експанзија ќе продолжи и во иднина поддржана преку растот на извозот од странските компании во ТИРЗ и капиталните инвестиции на Владата.
Во однос на буџетскиот дефицит, „Стандард и Пурс“ забележува дека во 2015 година тој е помал од планираното. Агенцијата смета дека кризата со бегалците се уште не претставува ризик за јавните финансии.
Банкарскиот сектор е добро капитализиран, профитабилен и е финансиран од домашните депозити. Мерките кои беа преземени од Народната банка минатата година оневозможија негативни ефекти од грчката должничка криза да се прелејат во македонскиот банкарски сектор.
Политичката ситуација останува неизвесна до изборите кои се планирани за јуни 2016, забележува „Стандард и Пурс“.
Потврдата на кредитниот рејтинг на Македонија е добар сигнал кон странските инвеститори и меѓународниот пазар на капитал, сметаат експертите.