Ставрески: Стотици милиони евра владина поддршка годишно за фирмите
Фирмите во Македонија плаќаат најниски даноци. Денес државата пет пати помалку зафаќа од заработката на компаниите во споредба со пред десет години. Тоа се стотици милиони евра годишно директна помош од Владата за домашните фирми преку даночната политика, вели вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
- Фирмите во Македонија плаќаат најниски даноци. Да споредам, ако ефективната даночна стапка кое е зафаќањето на државата преку даноците од профитот на фирмите, во 2005 и 2006 година изнесувала околу 40 отсто, денес таа е пет пати помала. Значи денес државата пет пати помалку зафаќа од заработката на компаниите. Тие средства остануваат на фирмите самите да одлучат како ќе ги распределат и како ќе ги инвестираат, истакнува Ставрески во интервју за „Вечер“.
Ставрески додава дека Владата во континуитет имплементирала мерки со кои се намалил даночниот товар на фирмите. Во периодот од 2009 до 2015 за време на кризниот период во кој се чуствувале последиците од светскатата и европската криза, Владата им овозможила на фирмите ослободување од обврската за плаќање данок на нераспределената добивка. Данокот на добивка пак е сведен на 0 проценти доколку таа се реинвестира. Данокот на добивка е целосно укинат за микро и мали бизниси со приход до 3 милиони денари.Исто така, Владата ги намалила и стапките за придонеси за пензиско и за здравствено осигурување, посочува Ставрески.
Вицепремиерот истакнува дека има намалување и на царините за 40 отсто во однос на 2006 година.
- Во периодот 2006-2015 година неколкукратно се намалени и царините на барање на бизнис-заедницата. Ова придонесе за намалување на ефективната царинска стапка на 1,75 отсто, што е една од најниските во регионот. Денес фирмите врз основа на укинати и намалени царински такси и надоместоци остваруваат заштеди во износ од над 10 милиони евра годишно, вели Ставрески.
Како што посочува во интервјуто добрите економски резултати на македонската економија, односно четврт најдобар економски резултат за 2015 година во Европа, во услови на политичка криза не се феномен, туку производ на добро поставените економски политики кои се практикуваат во земјава последниве десет години. Ставрески вели дека во Македонија е создадена одлична бизнис клима за фирмите, што го докажува и извештајот Дуинг бизнис 2016 на Светска банка и ИФЦ кој ја рангира Македонија како 12 –та најдобра дестинација во светот и 6-та во Европа за водење бизнис.
Како фактори за високиот економски раст на македонската економија Ставрески ја наведува и даночната политика и проактивната политика на Владата кон стопанството.
- Фирмите во Македонија знаат дека имаат потпора во оваа Влада во секое време. Кога имаше потреба да се подобри ликвидноста на фирмите обезбедивме евтина кредитна линија од 350 милиони евра за мали и средни претпријатија. Издвојувавме и издвојуваме значајни суми за капитални инвестиции, кои значат работа за фирмите. Спроведуваме низа проекти како „Македонија вработува“, „Купи куќа, купи стан“, „Купи куќа за млади“ од кои исто така директна корист имаат и фирмите, вели Ставрески.
Извор: Дневен весник Вечер