Мисајловски: До септември ќе биде изграден регионалниот пат Мокрино-Смоларе
Изградбата на регионалниот патен правец од Мокрино до Смолари се одвива според планираната динамика, 40 проценти од градежните работи се завршени и се очекува да биде готов до септември годинава, изјави министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, кој денеска изврши увид на градежните активности.
Досега е асфалтиран околу километар од патот што ќе биде долг четири километри, а во кој ќе бидат вложени 1,2 милиони евра.
- Изградбата на овој пат беше едно од најголемите барања на жителите од овој регион, затоа што од една страна со изградбата на овој правец се скратува времето за патување кон границата кон Бугарија, а од друга страна ќе се поврзат десетина населени места, рече Мисајловски.
Во струмичкиот регион, како што истакна, инвестициите во патната инфраструктура се над 16 милиони евра.
- Следната година ќе започнеме и со изградба на регионалниот пат од Старо до Ново Коњарево во должина од 4 километри, инвестиција 1,3 милиони евра. Исто така преку програмата на ЈП „Македонија пат“ се врши реконструкција на регионалниот пат Струмица – Ново Село – Граница со Бугарија во должина од 10 километри и инвестиција околу еден милион евра. Оваа делница комплетно ќе биде завршена во 2017 година. Исто така се реконструира и регионалниот пат Попчево – Белотино – Рич во должина од 9 километри и инвестиција од околу половина милион евра. И овој патен правец планираме да биде завршен до 2017 година, најави министерот за транспорт.
Директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојанов укажа дека покрај асфалтирањето на патот Мокрино-Смоларе во тек се активности за земјени работи на пропусти и посочи дека се очекува патот да биде завршен согласно договорот. Стојанов нјави и реконструкција на регионалниот пат кон граничниот премин со Бугарија.
Според градоначалникот на општина Ново Село Блажо Велков, овој патен правец е една од најзначајните инвестиции во општината која ќе придонесе за развој на туризмот.