Аргировски: Пензионерите задоволни од владините проекти наменети за нив
Заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска заедно со претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионерите Драги Аргировски и градоначалникот на општина Гевгелија Иван Франгов посети група корисници на пензија коишто се дел од проектот „Бесплатна бањска климатска рекреација“ во Негорски Бањи.
- Овој проект што го реализира Владата на Република Македонија од 2010 година е еден од најпозитивните и најприфатените проекти од страна на корисниците на пензија. Проектот постигна голем успех, пример којшто почнаа да го следат и држави од нашето опкружување, рече Спасов.
Информира дека со него досега се опфатени над 36.200 пензионери што, како што посочи, е огромна бројка на искористеност изминатите години.
- За оваа година планот е да се опфатат до 5.500 пензионери. Обезбеден е буџет од 38 милиони денари, од кои 35 милиони денари за покривање шест полни пансиони за 5.500 пензионери и три милиони денари за покривање на трошоците за превоз, што значи дека овој проект е целосно бесплатен за корисниците на пензија за сите оние што аплицираат и за сите оние коишто ќе бидат избрани со оглед на фактот дека секогаш имаме дупло, па и трипати или четири пати повеќе апликанти од бројот којшто можеме да го исполниме во текот на тековната година, истакна заменик-министерот.
Тој додаде дека годинава оваа бесплатна услуга ја искористиле над 3.660 корисници на пензија и оти тој ќе продолжи кон крајот на месецов. Останатиот број до 5.500 пензионери, рече, ќе се искористи во септември и октомври оваа година.
- Планот ни е и понатаму да продолжи со реализација овој проект бидејќи проектот „Бесплатна бањска климатска рекреација“, проектот „Бесплатен туристички викенд“, зголемување на пензиите за корисниците на пензија, отворањето дневни центри за стари лица, отворање нови старски домови, бесплатниот превоз во градскиот и во железничкиот сообраќај, како и во многу други проекти позитивно влијаат врз животот на највозрасните наши сограѓани, истакна заменик министерот Спасов.
Ние како помлади генерации, потенцира тој, сме должни континуирано да реализираме проекти со коишто ќе го подобруваме животот на повозрасните, постарите генерации бидејќи, како што рече, тоа се луѓето коишто ја градеа оваа држава.
- Ние им должиме добар достоинствен живот, достоинствена старост и токму поради тоа со овие проекти продолжуваме и понатаму со нивна реализација со цел подобрување континуирано на животот на пензионерите во Република Македонија, истакна Спасов.
Претседателот на Сојузот на Здруженијата на пензионерите Драги Аргировски истакна дека од анализите што биле направени се покажало дека во овие последни години пензионерите во Македонија добиле најмногу бенефити и оти тоа се должи на фактот што, како што рече, имаме еден репрезентативен партнер со Владата на Република Македонија со кој е воспоставен заеднички јазик во интерес на сите корисници на пензија.
- Околу 37.000 пензионери беа само на бањска климатска рекреација, тоа е една голема бројка од вкупно 300.000 пензионери во Македонија со тоа што многу пензионери и пензионерки овде се многу задоволни, не само во Негорски Бањи, туку и во сите три други бањски рекреации што се прават во другите објекти, како што во Дебар, во Банско и Катлановска Бања. Да ви кажам најискрено, видовте и вие сами денеска, колку се среќни пензионерите, истакна Аргировски.
Тој рече дека се уште се шират дезинформации и лаги дека на семејството на оние пензионери кои одат на бањска рекреација, по нивната смрт им одземале 15.000 денари од средствата за погребнина.
- Тоа чиста глупост, бидејќи тоа се два различни извори на финансирање. За погребнина тоа се чисти средства на пензионерите и на посебна сметка во Народна банка и не може ниту Аргировски, ниту министерот, ниту премиерот од тие средства да земат за тие намени. Тие се чисто наменски за погребнина на пензионерите и од тоа не се зема ниту денар за ваква работа, рече Аргировски додавајќи дека за проектот пак е обезбедено буџетско финансирање.
Според него, овој проект се покажал како многу корисен за пензионерите, за, како што рече, нивна социјализација, за другарување, за ширење на пријателствата...