На првиот јавен повик за „Еразмус плус“ во 2016 прифатени 44 апликации
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност прифати 44 од 173 апликации за програмата на ЕУ „Еразмус плус“ на првиот јавен повик (од 1 јануари до 2 февруари) и за нив одобри вкупно 2,13 милиони евра.
Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски и директорот на Агенцијата Дарко Димитров денеска на прес-конференција соопштија дека најголем дел од прифатените проекти се однесуваат на соработка и мобилност во областа на високото образование, проекти поднесени од основните и средните училишта, проекти за поддршка на стручното образование и за мобилност на младите.
- Овој диверзитет особено ме радува затоа што покажува дека интересот за изработка и реализација на проекти со кои се развива меѓународната соработка, се поттикнува партнерството меѓу различните чинители во образованието, се зголемува флексибилноста и достапноста на формалното и неформалното образование, постои кај многу различни општествени категории - ученици, студенти, наставници, професори, граѓански здруженија, младински работници, волонтери, рече Ристовски.
Директорот Димитров истакна дека македонските образовни институции се повеќе се вклучуваат во европскиот образовен простор за што сведочат големиот број поднесени проекти. Тоа се должи на континуираните промотивни активности (презентации, инфоматеријали, обуки и работилници за подготовка на предлог-проекти и апликации) низ целата држава што ги организира Агенцијата за да се зголеми видливоста на програмата „Еразмус плус“ и можностите кои таа ги нуди.
Соопшти дека во високото образование грантови ќе добијат 14 високообразовни установи. Преку „Еразмус плус“ повеќе од 370 македонски студенти ќе имаат можност да поминат дел од нивните студии или да стажираат во компании низ Европа. Можност ќе имаат и повеќе од 80 универзитетски професори да остварат мобилност за наставен ангажман. Димитров е задоволен и што на овој повик ќе грантираат една стопанска комора што ќе и овозможи нејзина меѓународна соработка.
- На повикот аплицираа повеќе од 60 училишта, од кои во 15 голем број од нивните наставници и ученици ќе имаат можност за мобилност и меѓународна соработка со училиштата од европските земји. Особено важно за нас беше да ги поттикнеме училиштата да аплицираат како партнерски училишта во проекти кои ги аплицираат нивни колеги и соработници низ Европа во останатите европски национални агенции. За оваа активност оваа година аплицираа 107 училишта од Македонија и ќе ги грантираме по завршување на процесот на селекција од нашите колеги од националните агенции во Европа, рече Димитров.
На 31 март заврши и вториот јавен повик кој се однесуваше на проекти од областа на образованието. На овој повик, за кој се предвидени 1,8 милиони евра, пристигнале 52 апликации чие разгледување е во тек.
Ристовски и Димитров ги повикаа заинтересираните да се пријавуваат и на третиот јавен повик за финансирање од областа - млади. Тој е во тек и ќе трае до 4 октомври. Критериумите за аплицирање може да се видат на веб-страницата на Агенцијата (www.na.org.mk).
Буџетот кој Република Македонија го доби во рамки на програмата „Еразмус плус“ за 2016 година е 4,7 милиони евра и е најголем износ кој државата го добила досега преку оваа европска програма за поддршка и развој на образованието, обуката, младите и спортот.
РМ е полноправна членка на оваа програма од 2014 година, кога доби буџет од 3,5 милиони евра. Во изминатите две години надминува 90 проценти искористеност на средствата од оваа ЕУ програма а, како што рече Ристовски, целта е за 2016 година да се постигне 100 проценти искористеност на достапните средства.