Ристовски:27 милиони евра инвестирани во 55 сали за 45.000 ученици

Од проектот за „Изградба и опремување на 145 училишни спортски сали“, досега се изградени 55 сали на цела територија на Македонија, информираше денеска заменик министерото за образование и наука Спиро Ристовски.

- Со завршувањето на овие 55 спортски сали опфатени се над 45.000 ученици кои досега не располагаа со спортски простор врз основа на стандардите што ги нудат овие спортски сали. Радува фактот што спортски сали се изградија на места што воопшто до пред извесно време освен земјено игралиште не постоеше ниту еден друг инфраструктурен објект поврзан со спортот. Самата инвестиција од 27 милиони евра се утврдува и докажува дека е вистинска од причина што салите не се користат за потребите на училиштата, туку и за потребите награѓаните во општината, рече Ристовски.

Информира дека во моментов во градба се седум спортски сали, а до крајот на годинава ќе се започнат уште дополнителни седум. Според него проектот за изградба на салите комплетно треба да заврши за две до три години.

Дел од салите се со површина од 650 метри квадратни, а другиот дел со површина од 1.300 метри квадратни. Секоја од нив е комплетно опремена со спортски реквизити, соблекувални, тушеви и други помошни простории, изградени по сите стандарди.

Во однос на дополнително зголемување на часовите по физичко образование кај учениците, на новинарско прашање заменик министерот информира дека Министерството е во фаза на анализа, од аспект на тоа дали има потреба дополнително зголемување на бројот на часови.

Според него позначаен е квалитетот на спроведувањето на наставата по физичко воспитување, а во однос на тоа Министерството од септември ќе ги зголеми контролите во училиштата.