Молебен на гробот на свети Кирил во Рим
Во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на свети Кирил“ денеска во Рим се одржа молебен на гробот во базиликата „Сан Клементе“. На молебенот со кој чиноначалствува митрополитот Тимотеј, присуствуваше македонската делегација предводена од претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.
Ова е централен настан во рамки на манифестацијата, со кој се оддава почит на светителот, а истовремено, како што рече митрополитот европски Пимен се молиме да се застапи за нашите души и неговото молитвено покровиелство да го чувствуваме и да растеме како црква и смирено да го чекаме нашето приклучување кон останатите во семејството на православни цркви.
- Денеска го прославуваме свети Кирил. Стоејќи сега пред твојот свет гроб, свети Кириле застапи се со твоите свети молитви пред Севишниот Бог. Застапи се за Македонската православна црква и за македонскиот народ. Да ги надминеме сите непријатности, внатрешни и надворешни. Та во меѓусебен мир и слога да го славиме името на Севишниот, сега и во сета вечност, порача од молебенот митрополитот Тимотеј.
На молебенот присуствуваа министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, претседателката на Комисијата за односи меѓу верските заедници Валентина Божиновска, македонските амбасадори во Рим и Ватикан, како и бројни Македонци од дијаспората.
Поклонението на гробот првпат е организирано во 1969 година и оттогаш секој 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација. Годинава се одбележуваат 1145 години од смртта на сесловенскиот просветител свети Кирил.
Манифестацијата синоќа почна со отворање на изложбата „Св. Климент Охридски и неговите претстави во ликовната уметност“ и концерт на гитаристот Дарко Багески.
Изложбата која е поставена во Понтификалниот универзитет „Урбанијана“, ја отворија претседателот на Собранието на РМ Трајко Вељаноски, а се обрати и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.
- Поводот за кој на сите нас во овој убав град ни се спојуваат патиштата е манифестацијата посветена на светите браќа, сесловенските и рамноапостолни просветители Кирил и Методиј. Празнувањето на оваа манифестација за мене лично, а верувам и за сите вас е особено значајно поради единственото историско, културолошко и епохално значење на светите Кирил и Методиј произлезено од нивната просветителска мисија. Истата онаа мисија која е поттик на еден епохален цивилизациски процес и создавањето на првата словенска азбука – глаголицата, рече Вељаноски.
Министерката Канческа Милевска оцени дека изложбата е несомнено еден придонес во непроценливото наследство што го оставија светите браќа Кирил и Методиј и нивните следбеници свети Климент и свети Наум. Наследство, како што рече, кое и денеска се огледува во живиот и динамичен јазик и култура кои опстојуваат од Западна Европа до крајниот Исток на евроазиското тло.
- Историјата потврдува дека Македонија уште во далечниот 9. век и даде извонреден пример на Европа докажувајќи дека старата медитеранска култура и цивилизација може своето акумулирано знаење да го пренесе низ големите отворени пространства на континентот, истакна Канческа Милевска.
Таа додаде дека во рамките на изложбата се претставени 38 вредни артефакти, оригинални икони, фреско-копии и тематски фотографии од нашето непроценливо наследство кои се поврзани со безвремениот лик и дело на големиот мисионер Св. Климент Охридски. Оваа изложба е дел од годинешното одбележување на Св. Кирил во Рим но, и од богатата програма која под покровителство на претседателот на РМ, и во соработката со релевантните научно-образовни институции во Македонија ќе се реализира оваа 2016 година по повод годишнината од упокојувањето на Св. Климент.
Во рамки на културната програма во чест на Свети Кирил, во универзитетот „Урбанијана“ во кој е содржано книжевно богатство од над 350 илјади книги напишани на повеќе од 530 светски јазици гостите присуствуваа и на концертот на реномираниот македонски гитарист Дарко Багески, кој полека но, сигурно ги освојува светските музички сцени. Багески пред италијанската публика изведе дела од македонски и странски автори.
Во текот на изминатите години, во рамки на традиционалното чествување на делото на светите браќа Кирил и Методиј во Рим, со поддршка од Министерството за култура беа претставени вредни изложби, меѓу кои: „Македонски бронзи“, „Антички теракотни фигурини од Македонија“, архивската изложба „Македонија низ вековите“, „Словенски ракописи од Македонија од 13 до 19 век“ кои беа презентирани во престижните Ватикански музеи, изложбата на „Македонска резба“ која беше поставена во монументалниот простор на комплексот Виторијано во Рим.
Со годинашната изложба на Заводот и музеј од Охрид насловена „Св. Климент Охридски и неговите претстави во ликовната уметност“, Република Македонија го продолжува континуитетот во претставувањето на високите вредности на македонското културно наследство и творештво пред европската и светската јавност.
Традиционалниот прием на македонската делегација во Ватикан во рамки на оваа манифестација годинава се одржа на 16. мај поради обврски на папата Франциск.
Денот во Македонија првпат е одбележан на 11 мај 1860 година во црквата Света Богородица, а црквата во 11 век го прогласила 24 мај, односно 11 мај по стар стил за ден на светите Кирил и Методиј. Датумот е избран бидејќи го означува почетокот на Моравската мисија.