Тодоров: Над 300 лекари годишно испраќаме на специјализација
Над 300 лекари годишно испраќаме на специјализација, а 20 се од Општата болница во Струмица.
Ова го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој заедно со претседателот на Владата, Емил Димитриев и лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски вчера ја посетија болницата и направија увид во градежните работи на новото крило на таа јавна здравствена установа во кое ќе бидат сместени Ургентен центар и уште осум одделенија.
Посочи дека со специјализациите се пополнува она што не било направено во периодот од 2002-2006 година.
- На специјализации од Струмица имаме испратено 20 лекари, од нив 18 се во Македонија и двајца во Белград, Србија. Тоа е друг тип на додадена вредност. Не дека нашите се понеквалитетни, напротив, но за да има и друга школа од друга земја. Овие 20 кадри сериозно ќе ја зајакнат болницата, посочи Тодоров.
Појасни дека во тек е и процесот на кофинансирање на приватни специјализации, на чиј втор оглас се пријавиле 170 лекари. Тој смета дека со него ќе се реши и прашањето за специјализанти во помалите градови, зошто овие кадри ќе се вработуваат во центрите во кои аплицирале. Во согласност со договореното,рече министерот, тие земаат просечна месечна плата.
- Што се однесува до проектот со едукација на медицински кадар во странство, може да кажам дека досега опфатени се 2.200 лица. На почетокот кога почнавме, имавме норма 500 и ни изгледаше невозможно. Но, ете две години по ред праќаме по 1.000 лекари или медицински сестри. Овој проект е важен и од еден друг сегмент, не само што ќе се стекнат со професионални, туку и со организациски вештини, хоспитална култура, однос кон пациенти, кон колеги, истакна Тодоров.
Според него, во последните пет години, на ниво на Македонија во јавниот здравствен сектор вработени се преку 4.000 лица, во најголем дел или преку 90 отсто медицински персонал, а остатокот информатичари, физичари...