Ристовски на Конференција за спортот во образовниот процес

 

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски денес се обрати на отворањето на дводневната Меѓународна научна конференција „Истражувања во физичкото образование, спортот и здравјето“, која по втор пат се одржува во организација на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот “Св.Кирил и Методиј“ – Скопје.

Во своето обраќање тој истакна дека во Република Македонија изминатите години се посветува исклучително големо внимание на подобрување на условите за професионалниот спорт, но и за спортот во образовниот процес.

Ристовски притоа посочи на зголемувањето на часовите по физичко образование кое придонесува за правилен раст и развој на учениците, изградбата на 55 спортски сали досега, во рамки на проектот за “изградба и опремување на 145 училишни спортски сали“, отворањето на Спортската академија, формирањето на Институтот за спорт, како и изградбата на новиот објект за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.

“По 40 години студентите на овој Факултет ќе се образуваат во модерен објект со сета потребна инфраструктура. Ќе продолжиме да го поддржуваме целокупниот развој на спортот во образованието, бидејќи тоа има повеќедимензионален ефект, пред се од аспект на квалитетен развој на младите, но и градењето професионални капацитети за репрезентациите“, рече Ристовски.

На конференцијата присуствуваа и ректорот на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј“, Велимир Стојковски, деканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје Вуjица Живковиќ, директорот на Агенцијата за спорт и млади Марјан Спасески, како и претставници на 14 држави од Европа и светот.