Ристовски во посета на Математичката гимназија во Белград
Министерството за образование и наука интензивно работи на подготвителните активности за отворање специјализирана Математичка гимназија во Скопје и за таа цел заменик-министерот Спиро Ристовски денеска ја посети елитната Математичка гимназија во Белград.
- Целта на посетата е да се увиди моделот на организација, начинот на функционирање и предизвиците при работата на оваа високо ценета образовна институција која е формирана во далечната 1966 година. Ристовски оствари средба со директорот на Математичката гимназија Срѓан Огњановиќ, кој изрази подготвеност за целосна поддршка во процесот на формирање Математичка гимназија во нашата држава, соопшти МОН.
Министерството го најави проектот за отворање Математичка гимназија пред неколку месеци и со него се предвидува училиштето да работи според напредни наставни програми во кои најмногу ќе биде застапена математиката, но и други науки како информатика, физика и хемија. Идејата е ова училиште да биде исклучиво наменето за талентирани ученици кои имаат висок капацитет за математика и други сродни науки, а наставниот кадар покрај редовните професори да го сочинуваат и вонредни професори од Природно-математичкиот факултет како и од членови на МАНУ.
- Долгорочната цел на овој проект е по неколку години да се создадат врвни инженери од повеќе области од коишто бенефит би имала научно-истражувачката дејност во Македонија, но и целокупната економија, посочува МОН.
Математичка гимназија во Белград досега ја завршиле околу 7000 ученици од кои најмалку 250 потоа докторирале, а над 400 имаат завршено магистерски студии. Секоја година голем број математички таленти од ова училиште добиваат стипендија за студирање на врвни универзитети како Кембриџ и Оксфорд.
За половина век постоење Математичка гимназија од Белград има освоено преку 450 медали на меѓународни научни натпревари и има создадено огромен број универзитетски професори, како и научници и експерти од повеќе области.