Клиниката за детска хирургија е комплетно реновирана и опремена
Клиниката за детска хирургија е комплетно реновирана и опремена. Во рамки на проектот за реновирање на Клиниката денеска преку донација од американското Министерство за одбрана, во вредност од 125.000 долари се реновираа шест соби во амбулантскиот оддел и три болнички лифтови, а беа донирани и 50 болнички кревети.
Оваа донација го надополнува овогодинешниот проект од 490.000 долари на американското Министерство за одбрана кој вклучуваше реновирање на Одделението за интензивна нега на Клиниката и донација на ЦТ скенер.
Министерот за здравство Никола Тодоров рече дека станува збор за многу современо опремени соби и простор, не само од аспект на опрема, туку и инфраструктурно. Тој посочи дека на Клиниката работи стручен кадар кој е посветен деноноќно на заштитата и давањето здравствени услуги на децата.
- Ова е единствена институција од ваков карактер во државата која дава услуги не само во Македонија, туку и пошироко. Има над 1.500 операции годишно и тоа говори за динамиката, улогата и важноста на оваа Клиника, посочи Тодоров.
Според специјалистот за детска хирургија Владмир Чадиковски, Клиниката за детска хирургија е една од најдобрите јавни здравствени установи во Македонија.
Американскиот амбасадор Пол Волерс истакна дека Владата на Македонија обезбедила речиси половина милион евра за реновирање и обезбедување опрема на Клиниката.
- Поради уникатната природа на оваа Клиника, децата од Албанија и Косово доаѓаат тука и добиваат неопходна и важна нега. Граѓаните на Македонија може да се гордеат со фактот што им помагаат не само на своите најмали граѓани туку и на децата од соседните земји и ја обезбедуваат потребната здравствена нега, рече Волерс.
Тој посочи дека оваа година помогнале во реновирање на седум училишта во државата, на Специјалниот завод во Демир Капија, а во координација со УНИЦЕФ подариле опрема за ладење на вакцини.
- Овие и многу други проекти служат како доказ за нашата посветеност и најважно од се, за нашето пријателство со народот на Македонија, додаде Волерс.