Јолевски: Упатување покана за членство во НАТО ќе придонесе за јакнење на мерките на доверба меѓу Македонија и Грција
Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски на покана на Атлантскиот совет, учествуваше на конференцијата „Иднината на проширувањето на НАТО и новите граници на европската безбедност“ на третиот панел посветен на „Иднината на проширувањето: Дали вратите на НАТО се сèуште отворени“, која се одржува во Вашингтон, САД.
На самиот почеток министерот Јолевски упати честитка до Црна Гора за добиената покана, но и до земјите членки на НАТО за упатената покана. „Оваа покана е многу важна затоа што се испраќа пораката дека вратите на НАТО остануваат отворени“ рече министерот Јолевски кој додаде „Колку повеќе е НАТО во Југоисточна Европа, толку постабилен е регионот“.
Во своето обраќање на панелот министерот Јолевски истакна дека изминатите две декади Македонија докажа дека од консумент стана земја која придонесува за светскиот мир и безбедност. Македонија покажа дека македонските војници рамо до рамо со останатите војници од Алијансата се борат за вредностите што ги споделуваме и дека е партнер на НАТО на кого може да се ослони. Реформите што ги правиме во одбраната се важни за НАТО аспирациите, но многу поважни за нас самите. Да имаме силна и мобилна Армија е многу важно за Македонија и за целиот Регион. Со акцискиот план за членство во НАТО се јакне општество, демократските институции, и покажуваме капацитет дека ги споделуваме истите вредности.
Во однос на поставеното прашање за нашето членство, министерот Јолевски одговори: „Свесни сме за проблемот со нашиот јужен сосед за разликите околу името, но истовремено сме и сериозно посветени за изнаоѓање заеднички прифатливо решение. Упатувањето покана на самитот во Варшава за Македонија во НАТО ќе помогне за јакнење на мерките на доверба меѓу двете земји. За нас членството во НАТО е како двонасочна авенија. Од една страна ние даваме поддршка на НАТО и нашите сојузници во напорите за воспоставување мир и стабилност на други места во светот, а од друга страна нашите војници се стекнуваат со многу големо искуство. Тоа се покажа и при справувањето со мигрантската криза“.
Хаки Абази програмски директор за Западен Балкан при Фондацијата на браќата Рокфелер рече дека ова е историска можност да се заштити тоа во што е вложувано последниве 15 години на Балканот, да се покаже дека демократијата може да се развива во Балканот, но и заради безбедноста на Европа. Тој додаде дека на претстојниот самит во Варшава најнапред треба да се прослави приемот на Црна Гора и да се покани Македонија.
Министерот Јолевски, исто така, пред почетокот на Конференцијата имаше средба со претставници на бордот на Атлантскиот совет, со министрите за одбрана на Црна Гора и Грузија и министерот за надворешни работи на Грузија и неколку амбасадори на која се разговараше за потребата процесот на проширување на НАТО да продолжи, за потребата од лидерство на САД во овој процес, а стана збор и за позициите на претседателските кандидати во поглед на НАТО. Притоа ја поздрави иницијативата на Атлантскиот совет да се отвори дискусија за проширувањето на НАТО во Вашингтон, еден месец пред Самитот во Варшава.
Покрај учеството на денешната конференција, министерот Јолевски оствари средба и со Роберт Бенџамин, регионален директор за Централна и Источна Европа при Институтот за национална демократија. На средбата стана збор за политичката состојба во Македонија
Во текот на денешниот ден министерот Јолевски ќе оствари средби во Пентагон и Херитиџ Фондацијата.