Нов дистален пунк на Итната медицинска помош во Глумово
Нов дистален пунк на Итната медицинска помош во Глумово
Министерот за здравство Никола Тодоров и директорите на Здравствен дом-Скопје Татјана Бајевска-Вучковиќ и Бесим Кока денеска го посетија новоотворениот дистален пункт на Итната медицинска помош во скопско Глумово.
Станува збор за трет пункт што се отвора годинава, а вкупно деветти што ќе работи 24 часа дневно седум дена во неделата. Пунктот ќе има тим од доктор, медицинска сестра, возач и возило кое 24 часа дневно ќе им биде на располагање на жителите на општина Сарај, но и на околните населени места.
- Глумово е стратешко место, бидејќи од овој пункт може да се интервенира во повеќе населени места во регионот. Отворањето на пунктот е повеќе од добредојдено, бидејќи денеска е портокалова фаза, почнуваат горештините, а секогаш во такви ситуации имаме зголемен број на повици кон Итната медицинска помош. Идејата е да се намали времето за чекање на брзата помош, односно да се намали времето од повик до интервенција, изјави министерот Тодоров по посетата на новоотворениот пункт на Итната помош во Глумово.
Ветивме, додаде, дека ќе отвориме дистални пунктови и тоа еден во Чучер Сандево, еден во Петровец и еден во Глумово. Тоа што го ветивме и го остваруваме, а претходно двојно го зголемивме бројот на тимовите на Итната медицинска помош од 25 на 50.
- Идејата за сериозно намалување на времето за чекање или времето на одговор по повик веќе се постигна во Петровец и Чучер Сандево. Бројките говорат дека имало потреба од вакви пунктови особено што со нивното отворање се растовари и се забрза и времето на одговор по повик и во Скопје, рече Тодоров.
Прецизира дека доколку брзата помош биде повикана од некое подалечно место и требаат 20 до 30 минути да дојде што, како што рече, во многу ситуации придонесува луѓето воопшто да не викаат брза помош и сами да ги носат пациентите во болница. Тоа, потенцира, понекогаш значи и непотребно малтретирање на пациентот, бидејќи немал потреба од ургентна интервенција.
- Доколку имало поблизок пункт на Итната медицинска помош ќе можеле на местото на настанот да дојдат побрзо и во домот на пациентот да дадат здравствена услуга и да го стабилизираат со што нема да има никаква потреба за транспорт кон болница. Со отворањето на овие пунктови ќе се овозможи пристигнувањето на брзата помош до многу оддалечените места да биде многу побрзо и да изнесува до 15 минути, односно повеќе од двојно да се намали времето на одговор, посочи Тодоров.
Директорката Бајевска-Вучковиќ нагласи дека примарната здравствена заштита претставува основа во здравствениот систем и е задолжително да биде најпристапна за сите граѓани.
- Во делот на ургентна вонболнична медицина преку пунктовите на Итната медицинска помош се трудиме на секој начин да ги доближиме овие услуги и да го скратиме времето на одговор на интервенција. Овој пункт е во близина на Треска што како туристичко место во летните месеци е доста посетено и во дадени ситуации кога ќе има потреба граѓаните ќе имаат брз одговор од службата на Итната медицинска помош, изјави Бајевска-Вучковиќ.
Потенцира дека од отворањето на пунктот во Петровец има 195 интервенции, а во Чучер Сандево 44 и додаде дека за првите шест месеци од регионот на општина Сарај службата на Итната медицинска помш добила 300 повика.
- Сметаме дека во овој пункт ќе имаме голем број на повици и ќе биде максимално и рационално искористен, потенцира Бајевска-Вучковиќ..
Економскиот директор Кока посочи дека отворањето на третиот пункт го ветиле во декември 2015 година, а денеска го реализирале.
- Отворањето на пунктовите е овозможено со двојното зголемување на бројот на вработените во Итната медицинска помош, но и со помошта на градоначалниците на општините Петровец, Чучер Сандево и Сарај, нагласи Кока.