Миноски: Кризата влијае на економијата, неопходна корекција на државната каса
Преземавте една од најважните функции во државата. Кои ќе бидат вашите приоритети на позицијата прв финансиер?
- Главен приоритет е поттикнување на отворањето нови работни места, подобрување на животниот стандард на граѓаните, привлекување на странските и поттикнување на домашните инвестиции, континуирано подобрување на деловното окружување и јакнење на фискалната дисциплина.
Во насока на поттикнување на отворањето нови работни места деновиве беше претставен, а следниот месец треба да почне со примена „Македонија вработува 2“ – продолжението на една мошне битна мерка на Владата, којашто креираше 19.000 нови работни места за само една година, а од која очекуваме дека во наредниот период ќе креира уште 15-20.000 нови работни места, или вкупно 40.000 нови работни места само од оваа мерка за вработување на Владата. Тоа се извонредни бројки ако се земе предвид дека е обезбеден извор за егзистенција за 40.000 семејства во Македонија преку само една мерка на Владата.
Во моментов, невработеноста во Македонија е на историски најниско ниво. Изминативе десет години отворени се над 150.000 работни места. Тоа претставува дополнителен предизвик за понатамошно интензивирање на активностите во насока на решавање на структурните повеќедецениски проблеми со невработеноста, како и во промовирањето на активниот пристап на пазарот на трудот, кој обезбедува поголема усогласеност на понудата и побарувачката на работната сила.
Во креирањето нови работни места значајна улога имаат и странските инвестиции. Странските инвеститори носат нови технологии, нови знаења и нови стандарди на работа кои креираат додадена вредност, како за македонскиот извоз, така и за македонските работници кои се обучуваат и стануваат поконкурентни на пазарот на труд. Минатата година во Македонија влегоа 30 странски инвестиции, а во првите 5 месеци од оваа година 17 странски компании објавија инвестиција, почнаа со градба или производство, а до крајот на годинава очекуваме уште толку компании да донесат одлука за инвестирање во Македонија.
Истовремено се работи и на вмрежување домашни компании кои ќе соработуваат со странски партнери, што на крај ќе резултира со трансфер на знаење и добри деловни практики, зголемено производство и зголемен број вработени и во домашните компании.
Со зголемување на вработеноста на квалификувани работници ќе зголеми потребата од такви работници на пазарот на труд, а со самото тоа и нивната цена, односно ќе порасне платата.
Секако, инвестициите не би биле можни доколку немате поволна бизнис клима, поради што оваа Влада во континуитет презема активни мерки и политики за подобрување на деловното окружување. Активностите за унапредување на деловното окружување во насока на поедноставување на регулативата и процедурите, поголема флексибилност на пазарот на трудот и подобар пристап до финансии ќе продолжи и во наредниот период.
Домашните инвестиции се исто толку битни како и странските. Затоа освен добрата бизнис клима, важно е да се обезбеди ликвидност на домашните компании преку поволни кредитни линии, како 350-те милиони евра на МБПР, Фондот за иновации, но првенствено преку ниските даноци. Македонија има најниски даноци во Европа, а со тоа и најмало зафаќање од фирмите, што им овозможува на компаниите средствата да ги инвестираат за развој на бизнисот.
Само преку извозно ориентиран и конкурентен приватен сектор, којшто се базира на производи и услуги со висока додадена вредност е можен континуиран и одржлив економски раст.
Доаѓате од функцијата прв даночник. Каква база е досегашното Ваше искуство за должностите што ги носи позицијата министер за финансии?
- Позицијата директор на Управата за јавни приходи е секако добра основа. Министерството ги креира политиките и законите, додека Управата како орган ги спроведува на терен. Управата за јавни приходи учествува со над 65% во приходната страна на Буџетот, со што претставува еден од неговите најзначајни столбови. Активностите што беа преземени за време на менаџирањето со оваа институција, коишто доведоа до зголемена наплата на даноци, треба да продолжат и во наредниот период, со цел повисок степен на даночна усогласеност. Претходно бев директор на Пазарниот инспекторат. Двете институции се посебно комплексни, имајќи го предвид фактот што во двете институции се спроведува инспекциски надзор. Во комуникацијата со приватниот сектор главниот акцент беше даван на таканаречен мек пристап кон приватниот сектор, којшто подразбира комуникација, едукација и стимулирање на таканаречената доброволна усогласеност. Овие добри практики ќе ги продолжам и на новата позиција. Сметам дека министерот за финансии треба постојано да биде во контакт со стопанствениците, изворно да се информира за проблемите на приватниот сектор и да предлага политики и законски решенија коишто ќе функционираат во практиката.
Во мојата професионална кариера бев активно вклучен и во реформите на пазарот на труд преку воспоставување законски мерки за негова поголема флексибилност, креирање политики за вработување, промоција на активните мерки на пазарот на трудот, воведување на системот на електронска пријава/одјава и слично. Активно бев вклучен и во активностите за воведување трет пензиски столб, како дел од реформите на пензискиот систем во Република Македонија. Исто така имам искуство и во работењето на проекти чијашто основна цел беше реформа на платниот систем, унапредување на банкарската супервизија, намалување на циркулацијата на готови пари во оптек преку стимулирање на употребата на платежните картички, како и на активности поврзани со унапредување на работењето на Македонското кредитното биро. Во претходното работно искуство можам да ја набројам и стратегијата за подобрување на извозот и јакнење на капацитетот на проектот Инвест ин Маседонија (Invest in Macedonia). Сметам дека искуството од сите овие работни задачи ќе дадат придонес во моето извршување на функцијата министер за финансии.
Ваше гледиште – во кој правец се движи македонската економија?
- Неизвесноста во политичката ситуација сигурно ќе има ефект врз економијата и економската активност. Фирмите се воздржуваат од инвестиции, граѓаните од потрошувачка на трајни добра, банките се попрудентни при давањето кредити. Во првиот квартал, и покрај солидната градежна активност, има намалување на бруто-инвестициите. Таа претпазливост во очи на политичката неизвесност може да придонесе за помал економски раст од очекуваното.
Минатата и на почетокот на оваа година имавме високи стапки на раст на индустриското производство, но во април, иако позитивен, растот на индустријата забави.
Позитивен момент е што извозот продолжува да расте со солидни стапки на раст, благодарение на извозот од слободните економски зони.
Што е задачата на фискалната политика во услови кога инвестициите и приватната потрошувачка паѓаат? – Наша цел е да обезбедиме ликвидност на приватниот сектор преку редовна исплата на платите, пензиите, субвенциите, социјалната помош, како и задржување соодветно ниво на капитални расходи за да се поддржи економскиот раст.
Со оглед на политичката ситуација, дали се планира прекројување на државната каса?
- И покрај здраво поставените економски политики, политичката криза почна да ги дава резултатите. Поради тоа треба да се направат корекции во државната каса и ние тоа ќе го направиме. Ребалансот ќе биде одговор на ефектите од политичката криза, односно реакција на забавувањето на растот преку поддршка на приватната потрошувачка и јавните инвестиции. Капиталните инвестиции остануваат на високо ниво, повисоко од минатата година. Продолжуваме со спроведување на крупните инфраструктурни проекти. Продолжуваме со изградба на автопатишта, на регионални патишта, локални патишта, со реконструкција на железницата, со изградба на училишта, болници.
Согласно веќе воспоставената практика, како и секоја година и оваа ќе се реализираат најавените покачувања на социјалната помош во јули и пензиите во септември.
Дали ќе се издава нова еврообврзница?
- Со оглед на коригираните проекции за раст и пролонгирањето на политичката криза во земјава Владата му даде мандат на Министерството за финансии да го истражи пазарот за издавање еврообврзница. Во следниот период тим од Министерството за финансии ќе го истражи пазарот и доколку се создадат поволни услови, би се издала еврообврзница.
Во таа насока, внимателно ги следиме случувањата на светските пазари на хартии од вредност, во контекст на референдумското одлучување на граѓаните на Велика Британија за излез од Европската Унија. Исходот од референдумот ќе има директно влијание врз движењата на меѓународниот пазар на капитал.
Зошто е потребно евентуално издавање на еврообврзницата?
- Политичката криза постојано добива нови продолженија. На еврообврзницата може да гледаме како на банкарска гаранција во Народна банка која ќе обезбеди сигурност доколку политичката криза се пролонгира.
Со внесот на свеж капитал во земјата, освен гаранција за макроекономска стабилност, ќе се придонесе и за придвижување на економијата која е под влијание на политичката криза. Влезот на странски капитал ќе придонесе за намалување на задолжувањето на домашен пазар, што ќе ја зголеми сумата за кредитирање и ќе поттикне инвестиции кај домашните фирми. Од друга страна ќе влијае и на зголемување на приватната потрошувачка. Сето тоа ќе резултира со раздвижување на економската активност и поголем економски раст.
Извор: МИА