Над 200 парцели во Дојран наменети за проектот „Купи куќа за млади“
Над 200 локации ќе бидат достапни за изградба на куќи за проектот „Купи куќа за млади“ во општина Дојран, најави министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски при денешната посета во Дојран.
Мисајловски и градоначалникот на општина Дојран Борче Стамов разговараа за реализација на капиталните инфраструктурни проекти што се реализираат во општината.
- Денеска заедно со градоначалникот Стамов ги разгледавме тековните проекти што ги работиме заедно како централна власт во соработка со општината. Еден од приоритените проекти што Министерството за транспорт и врски го работи е изработката на урбанистичката планска документација за локации за над 200 парцели што ќе бидат наменети исклучиво за проектот „Купи куќа за млади“, рече Мисајловски.
Според него, до крај на оваа година се очекува планот да биде изработен и да се прецизираат парцелите за продажба кои би почнале да се продаваат преку јавно наддавање во текот на 2017 година.
- Се работи за над 200 парцели на двете локации „Калдрма“ и „Сордорка“. Првата од 10 хектари, втората од 15 хектари. Тоа ќе биде една одлична можност за сите заинтересирани да им биде обезбеда локација за изградба на куќа која, пак, преку јавно надавање со почетна цена од 1 евро за квадрат ќе можат да си ја купат и да започнат да ја градат својата иднина преку субвенциите што ги нуди државата за овој проект, изјави Мисајловски.
Тој потенцира дека од вчера е започнато асфалтирањето на завршениот слој на регионалниот пат Дојран-Николиќ, инвестиција од над еден милион евра. - Според динамиката на асфалтирање очекувам некаде до крај на август комплетно да биде завршен патот со што ќе биде исполнето уште едно ветување на оваа Влада, истакна Мисајловски.
Во делот на туризмот, преку буџетот на Министерството за транспорт и врски, како што посочи министерот, завршено е уредувањето на уште една пешачка патека која е продолжение на старата и го поврзува Стар и Нов Дојран. Патеката е комплетно завршена во должина од 2.800 метри и претставува инвестција од 31 милион денари. Со изградбата на овие две патеки им се овозможи на туристите да уживаат во едно ново катче каде ќе можат да се релаксираат и да ги уживаат благодетите на ова туристичко место.
- Ќе разгледаме уште неколку можности за да изградиме уште една плажа во Николиќ. Разговаравме и за други поголеми проекти... Инаку со поддршка на централната власт и Министерството за транспорт и врски успеавме Дојран да го издигнеме на едно повисоко ниво и економски и туристички, изјави градоначалникот на Дојран, Борче Стамов.
Со изработка на урбанистичките планови од страна на Министерството за транспорт и врски, како што додаде Стамов, ќе се овозможат голем број локации за изградба на куќи за млади, како и за викенд куќи, за што, исто така, има интерес.