Потпишана 4.Програма за соработка во областа на културата, образованието и науката меѓу Македонија и Италија
Четврта по ред Програма за соработка во областа на културата, образованието и науката меѓу Република Македонија и Република Италија за периодот 2016-2019 година, потпишаа денеска министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и италијанскиот амбасадор, Ернесто Масимино Белели.
Потпишувањето на овој значаен билатерален документ, истакна министерката Канческа Милевска, е уште една потврда дека Република Македонија и Република Италија, која е наш голем пријател и поддржувач, негуваат одлични односи и исклучителна соработка во областа на културата, науката и образованието. Посочи дека бројните културни случувања кои низ годините се реализирале во Македонија и Италија, несомнено ги продлабочиле и ги унапредиле културните врски меѓу двете земји и станале инспиративен пример за успешна и плодна меѓународна соработка.
- Во тој контекст сакам да потсетам дека на наше големо задоволство во Република Македонија во изминатите неколку години проследивме многу изложби, концерти, театарски претстави и други културни настани на кои се претставија голем број на италијански уметници, ансамбли и институции, рече Канческа Милевска.
Укажа на исклучителната изложба на ранохристијанските мозаици од Равена која беше претставена во Археолошкиот музеј на Македонија во 2014 година кога Република Италија претседаваше со Европската унија, потоа изложбата на дела од најпознатите сликари на италијанскиот модернизам од палатата Фарнезина, изложбата на фотографии, Италија-Македонија, мост долг 100 години, како и впечатливото гостување на ансамблот и солистите на театарот „Сан Карло“ од Неапол, кој со омажот на големиот Карузо ја воодушеви македонската публика.
Канческа Милевска се осврна и на настаните кои се реализираа во Република Италија, како традиционалното чествување на Св. Кирил во Рим, во чии што рамки во изминатите години е претставен голем дел од нашето вредно културно наследство; словенските ракописи од 13 до 19 век кои беа презентирани во ватиканските музеи, потоа изложбите на виничките икони, на античките фигурини, изложбата на документи за Македонија, потоа изложбите на современа македонска уметности, концертите на Ана и Игор Дурловски, Ана и Олег Кондратенко, на хоровите „Св. Злата Мегленска“, „Св. Климент Охридски“ и др.
- Република Македонија во изминативе години имаше 18 впечатливи претставувања и на Биеналето на уметноста и на архитектурата во Венеција што беше од особено значење за промоција на македонската култура и уметност. Овој интернационален настан беше исклучителна можност да ја покажеме разновидноста на уметничките позиции, репрезентативните потенцијали и значењето на работата на македонските автори кои делуваат на нашата и на интернационалната уметничка сцена, истакна Канческа Милевска.
Таа ја нагласи и соработката во областа на филмската дејност која беше интензивирана со потпишувањето на Билатералниот договор за копродукција од кој произлегоа филмовите „Балкан кан-кан“ и „Банат“ како Договорот за развој на копродукциски проекти меѓу македонската и италијанската Влада, потпишан минатата година и со кој го поттикнале заедничкиот интерес за финансирање на проекти за развој на долгометражни филмови.
Исто така, потенцира, Агенцијата за филм на Република Македонија и најголемиот филмски фестивал за деца и млади во Европа „Giffoni Еxperience“ во 2013 година потпишаа Спогодба за соработка која резултираше со учество на многу млади и талентирани деца од РМ на овој престижен фестивал но, овој документ беше основа и за востановувањето на регионалниот едукативен и филмски фестивал за деца и млади „Џифони Македонија“, кој во нашата земја се реализираше во последните три години.
Таа ги спомна и заедничките активности во доменот на заштитата на културното наследство кои ги реализирале со Република Италија како учеството на Управата за заштита на културното наследство на Медитеранската берза за археолошки туризам во Салерно, во близина на археолошкиот локалитет Пестум, потоа стипендирањето студии за дефицитарни кадри од областа на заштитата на културното наследство, како и особено значајната соработка со италијанската полиција-Карабинери кои организираше обука за 10 претставници на македонската полиција, Царинската управа, Управата за заштита на културното наследство и други органи од Република Македонија кои се занимаваат со оваа проблематика.
- Ќе потсетам дека со поддршка на италијанската Влада ја реализиравме и едицијата „Културното наследство на Македонија”, во која се застапени книги за христијанските и османлиските споменици во Република Македонија, културното наследство на Охрид и Археолошките локалитети во нашата земја, посочи Канческа Милевска.
Според неа, меѓу позначајните активности кои ја унапредиле соработката меѓу Република Македонија и Република Италија се и проектите кои се реализирале со помош на нашиот амбасадор на културата во Република Италија, Благој Нацовски, како и со покровителство на нашите институции како Македонската опера и балет, Македонскиот народен театар и други установи од областа на културата.
Нагласи дека сите овие активности кои ги реализирале во изминатите години се резултат и на одличната соработка со Италијанската амбасада во Република Македонија и амбасадорот Белели, на кого таа му упати посебно признание и благодарност за неговото разбирање и поддршката во реализацијата на проектите од областа на културата, образованието и науката.
- За жал, амбасадорот Белели наскоро си заминува од Република Македонија но, сакам да го изразам моето уверување дека успешната соработка ќе продолжи и дека и во иднина ќе реализираме уште многу проекти кои ќе бидат траен доказ за цврстото пријателство помеѓу нашите две земји, рече Канческа Милевска.
Таа на амбасадорот Белели му посака пред се добро здравје и уште многу лични и професионални успеси. - Република Македонија е ваш дом и со задоволство, ќе се радуваме на секоја ваша наредна посета, додаде Канческа Милевска.
Амбасадорот Белели рече дека Програмата го симболизира и завршетокот на една плодна и многу тесна соработка во изминатите години и претставува воедно почеток на уште позасилена соработка меѓу двете земји во областа на образованието, науката и пред се културата.
- Италија најмногу е сензибилна на полето на културата, затоа што на неа и припаѓа најголемиот дел од културното наследство. Затоа со голема одговорност се однесува кон поддршката кон оние земји кои гледа дека навистина се трудат да ја негуваат културата и сопственото културно наследство. Посебно сум задоволен и многу почестен што можев сите овие години да соработувам со министерката Канческа Милевска и да имаме вакви плодни резултати, истакна Белели.
Не знаат сите дека Македонија има околу 2.000 археолошки локалитети рече Белели и додаде дека тоа значи дека се работи за голем потенцијал и можност во иднина да се развие не само туризмот и интересот кон сето ова културно наследство, туку и да добие една своја форма од економски аспект. Посочи дека последниот проект кој ќе се реализира откако ќе замине, е еден католог посветен на италијанската колекција дела донирана после земјотресот на Музејот на современа уметност.
- Се работи за еден католог кој ќе биде според стандардите, какви што ги имаат сите поголеми музеи во светот, а која ќе биде дониран на Музејот на современа уметност. Значи, пред нас останува сепак еден многу долг пат на соработка на ова поле. Македонија ќе остане во моето срце. Се надевам дека ќе имаме и други бројни можности за средби, додаде Белели.