Димовски: Производителите да не стравуваат, сите компании имаат пари да го платат преземениот тутун
Производителите на тутун да не стравуваат и навреме да го предадат родот бидејќи сите откупни компании имаат добиено лиценци, а тоа е основна гаранција дека обезебедиле пари за исплата. Нема причина за создавање проблеми кои реално, на терен, во почетокот на откупната кампања, ги нема, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски по денешниот работен состанок со претставниците на откупувачите на тутун и на здруженијата на тутунарите, членки на Сојузот на здруженија на тутунопроизводители.
Според Димовски, состојбата на откупните пунктови ветува мирен откуп, со почитување на законите и правилата, а пред се, со правилна проценка на задоволство и на производителите и на откупувачите.
Заменик министерот за земјоделство Зоран Коњановски и директорот на Државниот земјоделски инспекторат Румен Стаменов на состанокот истакнаа дека и вчерашната посета на неколку откупни пункта во Прилепско е потврда за добрата атмосфера во која се одвива откупот на тутунот.
- Исполнети се сите законски услови и прифаќањето на тутунот од страна на откупувачите тече без проблеми, рече Коњановски.
Димовски смета дека годинава ќе се откупат помали количини тутун во споредба со лани, односно околу 20.000 тони, но, добро е, рече, што квалитетот и покрај сушата е одличен.
- Предвремениот откуп на тутунот не ги даде очекуваните резултати, а реална причина за тоа се исклучиво неповолните временски услови, сушата која беше основна причина за отежната подготовка на родот за домашна манипулација. Сепак, очекувам дека она што беше детектирано како слабост на овој пилот проект од страна на производителите и откупувачите, за новата реколта ќе биде надминато и дека во функција на одржливо тутунско производство, предвремениот откуп ќе се реализира и идната година. Во однос на новата реколта треба да се насочиме кон зголемување на квалитетот, потенцира министерот.
Претседателот на Сојузот на здруженија на тутнопроизводители Данчо Милески ја поддржа реализацијата на пилот проектот за предвремен откуп на тутунот и побара од откупните компании да се реализира и за новата реколта.
Оценка на земјоделските здруженија е дека со предвремениот откуп се намалуваат трошоците на производителите за чување на тутунот, полесна е манипулацијата, а тутунарите добиваат пари од продажбата во момент кога им се најпотребни.
И според Милески, поради сушата, наместо планираните 1.300 тони, од новата реколта со пилот проектот се откупиле под половина од планираните количини.
Според откупувачите, преземањето на родот годинава ќе се реализира без проблеми. Тие го поддржаа претставникот на Сојузот и побараа од Министерството за земјоделство серизно да се разгледа можноста за спроведување на предвремениот откуп идната година.
На состанокот, министерот Димовски апелираше до откупувачите и производителите да продолжи доследното почитување на Законот за тутун и подзаконските акти, да не се откупува тутун за кој не е склучен договор бидејќи казните и за тутунарите и за откупувачите се големи.