Од седницата на Комитетот за туризам одржана на 21 декември 2011 година

С О О П Ш Т Е Н И Е

Во Владата на Република Македонија денеска се одржа редовна седница на Комитетот за туризам со која претседаваше премиерот Никола Груевски.

На дневен ред имаше повеќе точки во врска со различни аспекти од процесот на имплементација на Националната стратегија за развој на туризмот, а воедно се разговараше и за унапредување на инфраструктурата која е од значење за збогатување на туристичката понуда.

Имено, се разгледуваше концептот за формирање на туристички развојни зони на брегот на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, при што се заклучи дека треба да се пристапи кон подготовка на соодветна правна регулатива која ќе создаде можности за привлекување на потенцијални инвеститори во областа на туризмот.  

Комитетот го разгледуваше и процесот на подготовки за основање на новата институција Македонска национална туристичка организација, која ќе ја замени постојната Агенција за промоција и поддршка на развој на туризмот и која се очекува да почне со работа на почетокот на следната година.

На седницата во детали се разгледуваа и повеќе точки од акциониот план за имплементација на Националната стратегија за развој на туризмот, а исто така се разговараше и за воспоставување систем за електронско пријавување на странски гости до државните институции, со што во голема мерка ќе им се олесни исполнувањето на оваа законска обврска на хотелиерите.