Примени нови 125 професионални војници, 48 во специјалните единици на АРМ
Нови 125 професионални војници, кои поминаа селективен тест за нивните способности, денеска во касарната „Илинден“ во Скопје беа примени на служба во Армијата на Република Македонија.
Честитајќи им на новопримените професионални војници, министерот за одбрана Зоран Јолевски им порача дека униформата на АРМ претставува гордост и престиж за секој граѓанин на Република Македонија. Нагласи дека треба да работат посветено, чесно и хумано.
– Ви претстои период исполнет со предизвици и многу работа. Предизвик кој значи инвестирање во знаења и обука, во иднината. Храброста и чесноста се витални вредности на војникот, подофицерот и на офицерот, истакна во обраќањето Јолевски.
Од новите 125 професионални војници, информира Јолевски, 48 го завршиле 24-дневниот селективен курс и ќе бидат примени во специјалните единици на АРМ.
Клучен елемент за секоја Армија, потенцира, е високо обучениот, мотивиран и квалитетен професионален воен персонал.
– Упорно и посветено градиме Армија која ќе биде подготвена на национално ниво, но истовремено да ги извршува и обврските кои произлегуваат од стратегиската цел на РМ – полноправна интеграција во НАТО и во ЕУ, рече министерот за одбрана и додаде оти се спроведени бројни реформи во АРМ, со што се добиени поефикасни и подобри структури.
Јолевски најави дека ќе се објави нов конкурс за прием на дополнителни 90 професионални војници и 25 лица кои ќе имаат завршено високо образование со одредени струки, како што се лекари, инжинери, психолози…, кои по деветмесечна обука ќе станат офицери во АРМ. Во текот на годината, информира тој, ќе бидат примени и питомците кои завршиле годинава на Воената академија. Потсети и на отворениот втор конкурс за втората група пилоти во Школата за обука на пилоти за хеликоптери и подвлече дека во тек е селекцијата на пријавените кандидати, кои треба да ја почнат обуката за пилоти.
На новинарско прашање како ќе се платат новопримените професионални војници, Јолевски истакна дека во МО има доволно средства за плати за војската и редовно добиваат плата.
– Сите војници ги имаат примено сите дневници, заклучно со април и почетокот на мај. Може да постои некој случај од технички причини да не добиле дневници. Инаку, имаме доволно средства за плата на војската, изјави министерот Јолевски.
Тој посочи дека поради зголемениот ангажман на границата е зголемена и дневницата што ја добиваат кога се ангажирани таму, а направена е и дополнителна поддршка во смисла на реновирање одредени објекти на јужната граница.
На свечениот прием на новите професионални војници во АРМ присуствуваа и заменик-министерот за одбрана Беким Максути, заменик-началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Мухамет Рацај, како и други претставници од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија.