Потпишан договор меѓу владите на Македонија и Швајцарија за управување на речниот слив на Брегалница
Министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство и за животна средина и просторно планирање, Љупчо Димовски и Абдулаќим Адеми, денеска со амбасадорот на Швајцарија во Македонија Стефано Лазарото потпишаа билатерален Договор за доделување финансиска помош за проектот „План за управување со речниот слив на реката Брегалница“.
Проектот вреден вкупно 5,27 милиони швајцарски франци ќе и помогне на македонската Влада во спроведувањето на новиот Закон за води, но и ќе ги поддржи општините кои географски се поврзани или се во сливот на Брегалница за спроведување мали инфраструктурни проекти за води. Негови директни корисници ќе бидат 12 единици на локалната самоуправа, како и министерствата за земјоделство и за животна средина.
- Проектот, чија главна цел е одржливо управување со водните ресурси во сливот на реката Брегалница, ќе воспостави соодветна рамка за управување согласно новиот Закон кој е ориентиран кон европските стандарди. Подобрувањето на управувањето со водите ќе придонесе за стабилни економски услови, рече министерот Адеми по потпишувањето на Договорот.
Според министерот Димовски, сливот на Брегалница е еден од најкомплексните во Македонија од сите аспекти на управување.
- Основа за да напредува земјоделството е изградената инфраструктура за наводнување на околу 32.000 хектари во сливот при што централно место има хидромелиоративниот систем „Брегалница“ со акумулацијата „Калиманци“ кој опфаќа 28.000 хектари. Системот, освен браните и акумулациите, го сочинуваат и изградените 140 километри главни канали и дистрибутивна мрежа од 1.050 километри, истакна Димовски, додавајќи дека во овој дел има и систем за одводнување на околу 6.000 хектари.
Покрај неопходните технички и административни мерки за користење на водните ресурси, неопходно е, додаде Димовски, зачувување и подобрување на квалитетот на водите што се користат во земјоделското производство. Оттука, покрај планот за управување со сливот, од реализацијата на проектот се очекува и изградба на дел од инфраструктурата за пречистување на водите, како и помош за реализација на крупните пречистителни објекти за поголемите урбани центри, Кочани, Виница, Пробиштип и Злетово, вклучувајќи ги и сите помали населени места.
Проектот за управување со сливот на реката Брегалница има и голема важност во заштитата на квалитетот на водата за наводнување од помалите водотеци на кои нема акумулации. Тие имаат значајна улога во вкупната количина што се користи во сливот, но истовремено се и реципиенти на секаков вид испуштања од населените места изложени на загадувања особено од фекалните отпадни води, посочи министерот.
Сливот на реката Брегалница зафаќа површина од 4.300 километри квадратни, простирајќи се на територија од вкупно 13 општини во источна Македонија. Со реализацијата на проектот во целина, што ќе трае 3,5 години, се очекува да бидат поставени и делумно постигнати некои од основните услови за „чиста Брегалница“ со прецизно уреден план за користење и управување.
Проектот има две главни компоненти, институционален развој со цел воспоставување и успешно работење на телото за управување со сливот на Брегалница, како и планирање и спроведување мали инфраструктурни проекти за води. Поддржан е со грант од 4,46 милиони швајцарски франци и 810.000 франци кофинансирање од македонска страна.