Димитриев: Министри на терен ги координираат активностите во поплавените подрачја
Премиерот Емил Димитриев придружуван од министрите за финансии Кирил Миноски и за труд и социјална политика Диме Спасов денеска го посети во Стајковци кое беше зафатено од поплавите.
Димитриев ги информира жителите дека комисиите за проценка на штетите од денеска се на терен и дека по извршената проценка средствата ќе бидат префрлени на граѓаните, а наскоро ќе почне и исплатата на еднократката парична помош за семејствата кои загубија некој член.
- Формирана е централна комисија за проценка на штети. Ќе се формираат и општински комисии во поголем број бидејќи теренот што треба да биде покриен е голем. Согласно проценките на тие општински комисии преку централната комисија во корелација со Министерството за финансии и Владата ќе ги надоместиме штетите, изјави Димитриев.
Тој истакна дека ангажирана е и војска и полиција, волонтери и доста градежна механизација и оцени дека во однос на вчерашниот ден денеска начинот на организирање е многу подобар и дава ефекти. - Најважно е што одредивме координатори од Владата во населени места, тоа се министри, бидејќи повеќе институции се ангажирани и некој треба да ги координира меѓусебно. Овие министри ќе бидат постојано тука на терен присутни за координација, да имате на кого да се обратите за помош да биде тоа испланирано, да се дадат приоритети каде треба ресурсите да се насочат итн., рече Димитриев.
Сите жители од зафатените подрачја, како што информираа Димитриев и Спасов, ќе бидат ослободени пет работни дена за да може да ги расчистат своите домови.
Димитриев апелираше да се внимава и околу стоката за да не се предизика дополнително зараза.