Спасов: Извлечена водата од над 50 отсто од полавените домови

Во поплавените подрачја на санирање на штетите ќе се работи подолг период. Педесет проценти од домовите се исчистени. Процесот на санирање на штетите и вадење на водата од куќите е речиси надминат, а останати се уште неколку улици на кои  армијата заедно со работниците од сите инситуции работат на повлекување на водата со пумпи, изјави денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов кој е координатор на Оперативниот штаб во Стајковци.

Tој оцени дека состојбата од ден на ден се подобрува, а денеска има огромен напредок.

Како што посочи, целта е оваа недела да се надмине проблемот со  затрупаните дворови, со затрупаните улици, да се заврши дезинфекција и да се помогне на граѓаните да се создадат основни услови за живот.

Од терен информира дека денеска е воспоставен посебен оперативен штаб и оти заедно со Армијата,  полицијата и голем број работници испратени од институциите и компаниите е постигнат голем напредок.

- Со оглед на фактот дека имаме над 1000 работници од институциите и припадници на АРМ, и механизација која брои 50 машини багери и слично во Стајковци, очекувам  денеска да има големо поместување на работите, истакна Спасов, кој додаде дека потоа ќе следи процес на вадење на калта од домовите и нејзино депонирање со камиони на депонија.

Во Стајковци има околу 1.050 куќи од кои, како што посочи, над 70 проценти беа зафатени од поплавите. 

Со Црвениот крст се планира денеска да се дистрибуираат 7.000 оброци. До населението се дистрибуирани и лекови, а се очекува во куќите кои се исчистени да почне процесот на дезинфекција за да се превенира од ширење зарази.

Спасов порача оние што сакаат да помогнат да донираат на сметката на Црвениот крст и на отворените телефонски линии, а оние кои имаат собрано продукти да ги достават до пунктовите на Црвениот крст.