Спасов: Се разгледува можноста за авансна исплата на оштетените
На синоќешната седница на Владата било разговарано авансно да им се исплатат средствата на оштетените, а потоа од кога ќе се направат проценките да им се исплати целата сума.
Ова го соопшти минситерот за труд и социјална политика Диме Спасов при денешната посета на новиот пункт на Црвениот крст во ОУ „Наум Наумовски Борче“ во Маџари заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
- Комисиите се веќе започнати да одат на терен. Се заклучи во наредните два дена да се направи план за да се испитаат можностите и да се провери колку средства се потребни за најоштетените, па потоа Министерството за финансии да даде предлог за авансна исплата на средства. Очекуваме да се разработи конкретен прелдог и да започне авансната исплата на штетата, рече Спасов.
Тој додаде дека на граѓаните чии домови настрадаа во саботните поплави денеска ќе им бидат поделени 7.000 оброци. Од нив 2.000 ќе донира Министерството за здравство, 2.000 Црвениот крст, а 3.000 Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија.
Спасов посочи дека екипите кои се справуваат со последиците од теренот денеска се многу подобро организирани.
- Ситуацијата денеска е значително подобрена. Денеска е ден кога имаме најмногу работници и механизација на терен. Само во Стајковци има околу 1.000 работници кои работат на терен заедно со многу камиони, багери и скипери кои го рачистуваат теренот. Се направи детална распределба на 1.000 пумпи за испумпување на водата во подрумите кои пристигнаа во текот на вчерашниот ден, рече Спасов.
Најави дека за денеска се очекува да има значително подобрување на проодноста на улиците кои беа најоштетени и да се започне со дезинфекција на објектите зафатени со поплавите.