Цветков: Отштета за сите поплавени земјоделски површини
Сите земјоделски површини без разлика дали се евидентирани во нашиот регистар или не ќе бидат обештени. Граѓаните да бидат спокојни. Ние како Влада и Министерство за земјоделство за се она што им е направено како штета со оваа катастрофа ќе бидат обештени согласно тоа што имаат пријавено, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.
Министерот Цветков денеска во село Стајковци изврши увид во работењето на комисиите формирани од Министерството за земјоделство за проценка на штетите во земјоделското производство.
- Имајќи го искуството со поплавите кои беа во 2015 година во битолскиот регион ние направивме измени на Законот со кој се овозможува да бидат обештетени сите земјоделски површини. Комисиите за проценка се на терен и работат со полн капацитет. Некаде за дваесет дена оваа работа треба да биде завршена, изјави Цветков.
Потсети дека луѓето сега во првата фаза се зафатени со расчистување на домовите и да има повеќе комисии нема да може постапката да оди побрзо бидејќи записникот се прави на самото место во присуство на сопственикот на стопанството.
Тој истакна дека како комисиите ќе ги обработуваат податоците тие ќе бидат доставени до Бирото за судски вештачења, а како тие ќе бидат завршени ќе бидат дадени на Влада и ќе бидат исплатени од платежна агенција.
Заменик министерот Ванчо Костадиновски истакна дека жителите кои се погодени од поплавите треба да знаат дека и оние кои не се евидентирани во фарм регистарот, а имаат некои градини или помало стопанство согласно закон ќе можат со имотен лист или изјава на нотар да влезат во постапка за да добијат отштета.
- Во тек е постапка за вршење на проценка и таму каде што има услови ние веднаш вршиме проценка. Земјиштето во површина од над 1.000 хектари може да се заврши за период од околу 20 дена, но ние ќе формираме уште дополнителни тимови таму каде што има услови проценката да биде завршена за пократко време, истакна Костадиновски.
Формирани се посебни четири тима од Агенцијата за храна и ветеринарство кои вршат увид и ги гледаат локациите кои се погодени и каде има однесено дел од фармите. Тие на лице место ги евидентираат угинатите животни и записнички ги заведуваат. Потоа се спроведува постапка каде се обложуваат и носат во депонијата Дризла на уништување.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски рече дека на терен екипите проверуваат и по домови и по регистрирани фарми за да се види бројната состојба.
- Како се повлекува водата излегуваат нови животни и секој ден собираме нови пријавени животни. Сигурно ќе има во следните денови животни кои и самите сопственици не знаат каде се. Се она што е видливо во моментот и она што е пријавено е собрано и однесено, рече Поповски.
Истакна дека дезинфекција не може да се изврши на терен кој не е сув и чист и нагласи дека не очекуваат ширење на заразни болести и епидемии од страна на животни, бидејќи тие како се наоѓаат веднаш се отстрануваат.