Цените на одделни производи да се вратат на нивото пред поплавите
Владата на Република Македонија на последната седница донесе за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на мало, поточно на: флаширана вода, свеќи за домаќинство, заштитни ракавици, гумени чизми, лопати, заштитини маски и средства за дезинфекција. Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените на истите кои се применувале до 5 август 2016 година.
Причина за донесување на оваа одлука се случаите на злоупотреба на дел од трговците, констатирани при проверка од страна на Државниот пазарен инспекторат, по новонастанатата состојба произлезена од поплавите во скопскиот и тетовскиот регион, која налага зголемена употреба на споменатите производи.
Имено, користејќи ја зголемената побарувачка на овие производи, некои трговци ги зголемија цените на флаширана вода, свеќи за домаќинство, заштитни ракавици, гумени чизми, лопати, заштитини маски и средства за дезинфекција, па целта на оваа Одлука е да се вратат цените на овие производи на нивото кое важело до 5 август 2016 година (пред поплавата), кога побарувачката за овие производи била нормална, т.е. немало побарување на значителни количини за овие производи.
Имајќи превид дека цените на производите трговците ги утврдуваат самостојно и како резултат на ова цените на овие производи се различни кај секој одделен трговец, со враќањето на цените на нивото од 5 август 2016 година не се нарушува правото на трговците за самостојно формирање на цени, бидејќи истите тогаш биле формирани самостојно.
Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува до 31 август 2016 година.