Пешевски: Тендерската комисија работи на извештајот за Чебрен и Галиште
Тендерската комисија се уште работи на изготување на извештајот за понудите од јавниот повик за хидроцентралите Чебрен и Галиште. Владата ќе донесе одлука откако ќе и биде доставен извештајот од таа комисија, изјави денеска во Владата вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
- Ние ќе почекаме Тендерската комисија да се изјасни околу самите понуди. Таа се уште работи и во овој момент не би се бавел со шпекулации дали е нешто прифатливо или не. Владата за да одлучи дали е нешто прифатливо или не треба да добие извештај од Тендерската комисија. Во моментот кога ќе го добие Извештајот тогаш и ќе ја соопшти својата одлука дали е понудата прифатлива или не. До тој момент се е само шпекулација, посочи Пешевски на новинарско прашање по потпишувањето на Договорот за почеток со реализација на инвестицијата на германската компанија „Кромберг и Шуберт“.
Ние не водиме разговори со Тендерската комисија, која пак, си има надлежности согласно законот. Кога ќе биде подготвена ќе достави извештај и ќе го достави до Владата, прецизира Пешевски на прашањето за неизвесност од реализирањето на тендерот бидејќи за Грците понудата не е прифатлива оти дава мал процент за ЕЛЕМ, а Кинезите барале дополнителни услови околу ослободување од ДДВ и гарантиран откуп на струја, кои, Владата не можела да ги прифати.
Енергетските компании CWE од Кина и PPC од Грција се двете компании кои доставија понуди за изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште кои што треба да бидат лоцирани на Црна Река. По првичното отворање на понудите, се утврди дека PPC понудила 28 проценти од акциите во идните електрани да бидат на ЕЛЕМ, додека CWE нуди 40,5 отсто. Според тендерските правила, процентот на акциите кои се нудат на ЕЛЕМ е главниот услов за предност на тендерот.