Македонија и Косово ќе ја подобруваат трговската размена
Надминувањето на сите преостанати бариери за подобрување на трговската соработка, можноста за изградба на царински терминал на граничниот премин Јажинце и подобрувањето на соработката во областа на туризмот, беа главни теми на разговор на денешната средба во Скопје меѓу министерот за економија Дритон Кучи и косовската министерка за трговија и индустрија Хикмете Бајрами.
На средбата на која присуствуваа и претседателите на Стопанската комора на Косово и на Стопанската комора на северозападна Македонија, Сафет Беџалиу и Неби Хоџа, беше потенцирано дека лошата инфраструктурна поврзаност претставува единствена пречка за понатамошен развој и продлабочување на соработката.
- Косово е важен економски и трговски партнер на Македонија и земја со која имаме голема трговска размена. Во 2015 година Македонија ја посетиле 1.329.000 граѓани на Косово, а 738.000 граѓани од Македонија го посетиле Косово. Лани од Косово во Македонија влегле 69.573 камиони, а од Македонија во Косово 71.253 камиони со разни стоки или вкупно 140.826 камиони во двете земји, рече министерот Кучи на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека соработката се одвива врз основа на 28 потпишани договори меѓу двете земји, а со примената на ЦЕФТА договорот од 1 јануари 2008 година вкупната трговска размена се реализира на слободен безцарински систем благодарение на 100 процентната либерализација на трговијата.
- На денешната средба разговаравме за можноста за царинење на продукти на граничниот премин Јажинце што би значело големо олеснување за бизнисите во двете земји. Во иднина треба да работиме и на дополнително зголемување на бројот на посетители од двете земји при што здравствениот туризам нуди големи перспективи, бидејќи граѓаните на Косово во Македонија секоја година трошат од 25 до 30 милиони евра за здравствени услуги, рече Кучи.
Посочи дека предложил наскоро да се организира заедничка средба меѓу претставници на бизнис заедницата од Македонија и Косово, што, како што рече, ќе придонесе за нови деловни проекти.
Косовската министерка за трговија и индустрија рече дека меѓу Косово и Македонија има одлична трговска соработка, но додаде дека се уште има простор за нејзино понатамошно подобрување.
- Не треба да бидеме конкуренти, туку партнери со заедничка стратегија за настап на трети пазари. Нашите две земји не треба да се конкуренти, напротив треба да бидат комплементарни и да имаме слични стратегии за привлекување странски инвестиции. Треба да се отстранат и сите бариери меѓу бизнис заедниците, нагласи Бајрами.
Таа посочи дека треба да има и подобра соработка меѓу двете земји во областа на туризмот.
- Туризмот има огромен потенцијал за соработка. Неопходно е да се направи заедничка понуда за странските туристи кои се заинтересирани да ги посетат двете земји, рече Бајрами.
Косовската министерка потенцира дека на средбата било договорено компаниите членки на Стопанската комора на северозападна Македонија без никаков надомест да учестуваат на саемот што ќе се одржи во септември во Косово.
Министерот Кучи се заблагодари за помошта што ја праќаат коосовските институции и компании за поплавените во Скопскиот регион, а министерката Бајрами порача дека луѓето тоа го прават на доброволна основа бидејќи, како што рече, чувствуваат обврска уште од 1999 година кога голем број косовски граѓани беа прифатени во Македонија за време на бегалската криза предизвикана од војната во Косово.
Претседателот на Стопанската комора на Косово Беџалиу истакна дека инфраструктурата претставува последна бариера за подобар проток на стоки и луѓе меѓу двете земји и изрази надеж дека и македонската страна ќе направи напори за изградба на автопат од Скопје до Блаце, како и за подобро патно поврзување на Тетово со Призрен со што, како што кажа, ќе се отвори пат до јадранските и јонските пристаништа за македонските компании.
Неговоиот колега од СКСЗМ Хоџа рече дека изградбата на цариснки терминал на преминот Јажинце ќе помогне за подобрување на рзмената меѓу двете земји и ќе значи олеснување за компаниите од Полошкиот регион. Тој посочи дека станало збор и за можноста извозно ориентираните косовски фирми да можат да ја користат слободната економска зона во Тетово.
Косово е голем трговски пратнер на Република Македонија со кој земјава константно бележи суфицит во размената. Лани трговскта размена меѓу двете земји била над 200 милиони евра, а во првите шест месеци од годинава бележи раст од 13 отсто во споредба со истиот период лани.