Дезинфицирани 20 милиони метри квадратни во поплавени подрачја
Одговорот на здравствениот систем во справување со поплавите е со околу 400 здравствени работници и соработници кои се ангажирани во регионот на кризата и кои постојано, односно 24 часа даваат здравствени услуги за сите оние на кои тоа им е потребно.
Ова денеска го истакна вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров при посетата на здравствениот пункт во ОУ „Кирил и Методиј“ во Стајковци.
- Организирани се пунктови во Стајковци и Ченто, а организирана е и итната медицинска помош од три пункта со цел брза реакција на терен во Стајковци, Сингелиќ и Арачиново при што дадени се преку 680 услуги. Ангажирани се специјалисти ендокринолози, инфектолози, дерматовенеролози и интернисти кои даваат континуирана здравствена заштита на сите оние на кои им е потребна, информира Тодоров.
Паралелно со тоа, рече тој, оди и процесот на дезинфекција кој е завршен на 20 милиони метри квадратни и дека со тоа ќе се продолжи и во наредниот период.
- Секоја вечер на владините седници што се организираат по повод поплавата се сумираат резултатите и се предлагаат мерки што треба да се преземат. Една од тие мерки која што вчера ја донесовме е дезинфекцијата континуирано да продолжи. Направена е дезинфекција и ларвицидна дезинсекција, истакнаТодоров.
До сега на Инфективната клиника има само тројца пациенти кои се згрижени. Од нив, двајца се со ентероколит и еден со бронхопневмонија. Според Тодоров патронажните тимови кои прават посета во куќите во поплавените подрачја, посетиле околу 2.200 лица, а ги посетуваат прво хронично болните, а потоа и останатите жители.
- Лекови се обезбедени. Овде има и прирачна аптека. Достапни се сите лекови – инсулини, антибиотици, аналгетици, лекови за деца, за возрасни, за хиптертензии и се што е потребно за овој регион е обезбедено како лекарства. Доколку има некои лекови што не се чести за употреба, тие во истиот ден се обезбедуваат, истакна Тодоров.
Потенцира дека на терен се ангажирани професори, односно најдобрите експерти кои ги има македонскиот здравствен систем од клиниките што даваат здравствени услуги и се ставени на располагање со цел да се помогне во кризата.
Министерот се заблагодари на сите здравствени работници за пожртвуваноста и напорот што го вложија со цел да помогнат на луѓето во овој регион за да не дозволат да се шират заразни болести.