АРМ одбележува 24 години од формирањето
Армијата на Република Македонија денеска го одбележува 18 Август - Денот на нејзиното формирање.
На платото пред Министерството за одбрана се одржа свеченост по повод 24 - годишнината на АРМ, на која присуствуваше претседателот и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов, министерот за одбрана Зоран Јолевски, претставници на Владата и Собранието на Република Македонија, воени аташеа и поранешни министри за одбрана.
Со Орден за воени заслуги од страна на претседателот на Република Македонија беа одликувани Баталјонот на воената полиција и Инженерискиот баталјон на АРМ за нивниот исклучителен придонес и поддршка во зачувувањето на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија, како и за зацврстувањето на националната безбедност и сигурност на македонските граѓани, особено во справувањето со бегалската криза.
Честитајќи им го празникот, македонскиот претседател и врховен командант на вооружените сили во своето обраќање истакна дека Армијата на Република Македонија многупати досега ја оправдала довербата на македонските граѓани, но и на партнерите за што потврда се справувањето со мигрантската криза и неодамнешните поплави што го зафатија скопскиот регион.
- Денес, во Европа, храброста е скапа и ретка работа. Македонија покажа дека има храброст да се соочи со заканите. Додека НАТо и ЕУ тешко се справуваа со мигрантската криза и со обезбедувањето на границите, Република Македонија покажа дека има капацитет да ја менаџира заканата. Клучна улога во овој потфат имаше и се уште има Армијата на Република Македонија. Не само што го зачува суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на државата, туку и ја зацврсти националната безбедност и сигурност на македонските граѓани, рече Иванов.
Оценувајќи дека мигратската криза и финансиската и кредитна криза ги разнишале Шенген зоната и Еврозоната, а се позачестените терористички напади ја продлабочиле безбедносната криза, претседателот Иванов рече дека е повеќе од неопходно земјите од регионот меѓусебно да се поддржуваат, а не да се блокираат.
- Сепак, во вакви сложени геополитички услови и понатаму сме сведоци на неодговорно блокирање на членството на Македонија во НАТО. Но, ние не се обесхрабруваме. Не само што ќе ги продолжиме нашите евроатлански интеграции, туку ќе продолжиме и со мировните мисии. Мисии што ни овозможија да ја потврдиме оперативната способност и интероперабилност на Армијата, нагласи Иванов.
Министерот за одбрана Јолевски оцени дека во изминатите 24 години Македонија изградила модерна, професионална, ефикасна и силна армија, достојна за почит.
- Армија која е гарант на територијалниот интегритет и суверенитет, која промовира и ги штити интересите на Република Македонија насекаде каде што е потребно. Армија која е во служба на сите граѓани и дава поддршка на државните институции во случќај на поплави, земјотрес, пожари и други природни непогоди и кризни состојби. Овие денови Армијата неуморно работи на отстранувањето на последиците од минатонеделните поплави кои зафатија дел од Скопје. Уште од првиот момент, Армијата притекна во помош на спасување, пребарување и остранување на последиците од поплавите и наносите од земјиште, рече Јолевски.
На свеченоста началникот на Генералштабот на Армијата им врачи златни значки на вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити, како и на одбранбените аташеа на Хрватска, Австрија, Норвешка и Обединетото Кралство.
Во чест на одбележувањето вчера се одржа традиционалната почесна артилериска стрелба, а беа положени и цвеќиња пред Споменикот на Партизански гробишта, на вечните домови на поранешните претседатели и врховни команданти Борис Трајковски и Киро Глигоров, на гробот на генерал Михаило Апостолски и пред спомен обележјето на загинатите бранители од 2001 година.
Годинава, Денот на АРМ симболично се одбележува поради трагичните настани со поплавите во скопскиот регион.