Државни субвенции за вработување 100 лица во социјален ризик
Сите приватни компании од денеска можат да аплицираат за повoлностите што ги нуди државата за вработување лица во социјален ризик. Годинава државата обезбеди средства за вработување 100 лица. За секое вработено лице од оваа категорија граѓани, компаниите шест месеци ќе добиваат по 22 илјади денари месечно, односно 17 илjaди за плата и пет илјади денари за надоместот за обука.
- Мерката предвидува шестмесечно субвенционирање со обврска за приватните компании да ги задржат лицата кои ќе ги вработат дополнителни 6 месеци. Субвенцијата може да ја користат сите приватни компании кои ќе вработат лица во социјален ризик, односно приматели на социјална парична помош, поранешни или постојни приматели на условен паричен надоместок, жртви на семејно насилство, деца кои до 18 годишна возраст имале статус на деца без родители и родителска грижа, членови на семејства приматели на постојана парична помош, детски додаток, како и лица кои имаат ниски примања, информира денеска на прес-конференција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Станува збор, рече министерот Спасов, за огромни поволности за приватните компании кои треба да ги стимулираат за да вработат вакви лица. Апелира приватните компании да ја искористат оваа можност и да аплицираат на јавниот повик кој е објавен денеска.
Обезбедените средства за годинава, рече, се во висина од 16 милиони и 600 илјади денари и предвидени за субвенционирање вработување 100 лица во социјален ризик.
- Приватните компании кои ќе ја искористат оваа поволност ќе може да ги искористат поволностите од проектот „Македонија вработува“, односно за лицата во социјален ризик е предвидено ослободување од плаќање социјални придонеси во рок од 5 години, додека за помладите лица до 35 кои имаат ниски приходи е овозможено ослободување од социјални придонеси и персонален данок во рок од 3 години и обврска да ги задржи лицата на работа уште една година, рече министерот за труд и социјална политика.
Појасни дека огласот е отворен 15 дена, со можност, како што рече, за продолжување до искористување на бројката која е обезбедена и буџетот што е на располагање оваа година.