Попоски: Посетата на Коѕиас можност за поголема доверба и политичка комуникација
Зголемување на довербата, како и подобра политичка комуникација меѓу двете држави, очекува шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во пресрет на утрешната посета на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас на Македонија.
Попоски во денешната изјава за медиумите пред почетокот на Амбасадорскиот совет во МНР, рече дека не очекува на средбата со Коѕиас да биде отворено прашањето за името и посочи дека приоритет е подобрување на односите и создавање на посилни врски во што е можно повеќе области.
Европската перспектива на Македонија треба да биде главна тема во разговорите на Коѕиас со македонски дипломати, пред кои ќе има обраќање, а закажана е и билатерална средба со македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски.
Министерот Попоски пред отворањето на редовниот работен состанок на шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва, истакна дека една од пораките на состанокот е дека Македонија е посветена на регионот.
- Минатата година ги имавме министрите на Бугарија и Албанија, а оваа година на Грција. Тоа е еден континуитет на испраќање јасна порака од страна на Македонија дека сакаме да бидеме фактор на стабилност и предвидливо опкружување во нашиот регион. Во тој домен Грција сигурно е еден од клучните фактори, рече Попоски.
Смета дека во изминатиот период е направен сериозен исчекор во голем дел од договорениет области.
- Нашата цел беше да не се посветиме многу на комуницирање во однос на што се сме постигнале, туку во продлабочување на соработката што ќе ги релаксира односите, било да е во делот на образованието, енергетската, економската и бизнис соработка. Направени се чекори што во минатото не сме можеле да замислиме да ги реализираме. Сето ова е зголемување на довербата помеѓу Македонија и Грција, изјави Попоски.
Посочи дека ова не треба да биде причина за славење, туку мотив дека може да се редефиниат односите меѓу двете земји.
- Од односи кои генерално асоцираат на меѓусебен спор и негирање, кон испраќање на една поинаква порака дека во крајна линија ние имаме и ќе останеме со сериозен проблем. Но, во недостаток на решение за тој проблем дека можеме да имаме поинакви македонско-грчки односи кои се во интерес пред се на македонските и грчките граѓани и ќе овозможат градење на подобра клима меѓу двете земји, изјави Попоски.
Според Попоски, не треба да има илузии дека проблемот ќе исчезне, бидејќи билатералните односи се комплексни и обременети со, како што наведе, тој тежок и неправден проблем.
- Затоа е наивно е да веруваме дека за неколку месеци или недели ќе исчезне. Треба да ја гледаме пошироката слика, дека наместо да одиме во насока на меѓусебни етикетирања и обинувања, можеме да одиме во насока на градење подобри грчко-македонски односи во сите области, рече шефот на македонската дипломатија.
Коѕиас утре ќе учествува на редовниот работен состанок на шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва во МНР. Како што е предвидено, тој ќе ја води сесијата „The future of Europe and Balkans in need“, а се очекува да има и средба со претседателот на Македонија Ѓорге Иванов.
Ова ќе биде втора посета на Никос Коѕиас на Македонија, по минатогодишната во јуни кога во Скопје имаше средба со македонскиот колега Никола Попоски.