Премиерот Груевски им го честита Божик на Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх и католичките верници во Република Македонија
“До Д-р. Киро Стојанов Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Република Македонија
Почитуван г. Стојанов,
Дозволете ми Вам лично, на Вашето ценето свештенство и монаштво и на сите верници од католичка вероисповед во Република Македонија, од мое лично име и од име на Владата на Република Македонија да Ви го честитам големиот христијански празник, Христовото раѓање - Божиќ.
Празнувањето и одбележувањето на овој голем чин во историјата на човештвото од секогаш претставувало најинтимен и најрадосен момент во душата на секој верник и следбеник на христовото учење. Затоа што со овој чин се исполни надежта на родот човечки и се потврдија љубовта, вербата и добрината како основни принципи на животот. Од тогаш, па се до денес, благословен е секој оној кој го следи богоугодниот пат на живот базиран на вредности, без лоша мисла, на живот во кој соработката, заедништвото, човекољубието, толеранцијата и создавање на добри дела се наши ориентири. А токму Божиќ е празникот кој постојано и постојано не просветлува, не потсетува и насочува, да ја негуваме, унапредиме и удвоиме нашата верба во овие вредности.
Во духот на овие вредности, обединети и сложни, да продолжиме со посветената работа за реформирање и модернизирање на нашата Татковина, за развој на економијата, обезбедување на економски раст и зголемување на стандардот на граѓаните, за овозможување на понатамошни услови за развој на образованието и културата, за подобрување на состојбата и континуирана помош на социјално ранливите групи, за унапредување на јавните дејности во интерес на ефикасно остварување на потребите и интересите на населението, за остварување на стратешките цели за наша интеграција во НАТО и Европската Унија, и изградба на силна и напредна Република Македонија.
Во светлото на заедништвото и вербата во Бога, Ви го честитам големиот христијански празник и Ви посакувам светлината и топлината на Божиќ да ги исполнат Вашето срце и срцата на верниците и да Ви донесат многу радост, љубов, благосостојба и среќа во секој дом.
Бидете благословени и нека Ви е честит големиот христијански празник !
ХРИСТОС СЕ РОДИ !
Со почит,
Никола Груевски”