Предновогодишна средба на министерот за одбрана и началникот на ГШ со пензионираните генерали
Министерот за одбрана Фатмир Бесими и началникот на Генералштабот на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески денеска ја одржаа традиционалната средба со пензионираните генерали на АРМ по повод претстојните новогодишни и божикни празници.
На средбата, пензионираните генерали ќе бидат информирани за степенот на достигнатите реформи во одбраната, учеството во мисиите, моменталниот статус на единиците, остварените резултати од годинава што поминува и плановите за наредната година. Воедно ќе им биде презентирана и новата борбена униформа на АРМ.
Министерот за одбрана Фатмир Бесими им порача на пензионираните генерали дека нивниот придонес за Армијата и зачувувањето на мирот не престанува со престанокот на работниот однос.
- Со вашето искуство можете да ни помогнете поуспешно да ги постигнеме целите на одбраната кои ќе ја направат Република Македонија успешна во своите евроатлантски интеграциски процеси. Тоа се целите и на граѓаните на Македонија за воспоставување одржлив мир, стабилност и основа за добар развој не само за земјава, туку и за регионот и пошироко на глобално ниво, рече Бесими во поздравниот говор.
Македонија, нагласи, се претстави како сериозен партнер за мирот и тоа веќе го прави преку АРМ како најдобар амбасадор на светско ниво.
- Тоа не е работа што се прави за еден ден, туку со години и вие сите сте заслужни за тоа, посочи Бесими.
Началникот Котески, заблагодарувајќи се за одвоеното време за денешната средба и за она што го направиле и што го прават за АРМ, им порача на пензионираните генерали дека сакаат со нив да разменат одредени искуства и да им кажат кои се приоритетите во областа на одбраната и развојот на Армијата во 2012 година.
- Имаме чест денеска да ја промовираме новата македонска униформа што пред вас по првпат ја носат нашите војници кои во јануари ќе одат во мисија во Авганистан, рече генерал Котески.
Министерот за одбрана најави дека во наредната година, во која се слави 20-годишнината од формирањето на АРМ, сите војници ќе бидат облечени со нови униформи.
Пензионираниот генерал Илија Николовски изјави дека е задоволен што први можеле да ја видат новата униформа, за која кажа дека изгледа импресивно и оти е направена по стандардите на НАТО.
- Со новата униформа АРМ уште подобро ќе ја претставува земјава во мисиите. Стандардот на војниците може не е на највисоко ниво, но се преземаат мерки и активности за негово подобрување. Зголемување на буџетот на Министерството за одбрана за наредната година мислам дека ќе придонесе за тоа, рече Николовски.
Армијата, истакна, ја дели судбината на останатите граѓани во Република Македонија и не може да биде надвор од општеството поради што може да се случи доцнење на хонорарите.
Прашан за коментар за извештајот за хеликоптерската несреќа кај Катлановско Блаце, Николовски рече дека не се согласува со констатацијата на јавниот обвинител Љупчо Шврговски дека пилотите биле необучени за летање во сложени временски услови и оти тоа е причината за падот на хеликоптерот во кој загинаа 11 македонски мировници при враќањето од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
- Многу е груба констатацијата дека пилотите се необучени. Јас со тоа не би се согласил, напротив АРМ има високо обучени пилоти, меѓутоа во воздухопловството се случуваат грешки. Иако не сум стручњак за воздухопловството, би рекол дека тоа е грешка на пилотите, а не необученост за летање во сложени временски прилики. Летовите со хеликоптер се поризични од летовите со авион и најмала грешка може да има несогледливи последици, рече Николовски.